[ФОТО] Голема свадба на синот на Рамзан Кадиров: Дијамантски часовник од 27 милиони долари, златен пиштол и луксузен Мерцедес

Макфакс

05/07/2025

20:36

2.424

Големина на фонт

а а а

Седумнаесетгодишниот син на лидерот на Чеченија, Рамзан Кадиров, Адам Кадиров, се ожени со девојка по име Медни, за која се верува дека е роднина на пратеникот во Думата, Адам Делимханов, близок сојузник на Кадиров.

Свадбата траела три дена, од четврток до сабота, и се одржала во селото Ахмат-Јурт , родното место на семејството Кадиров.

Според неофицијални информации, Медни е ќерка на чеченскиот сенатор Сулејман Геремеев, исто така близок сојузник на Кадиров и роднина на Делимханов. Наводно, бракот бил склучен уште на 8 јуни 2024 година.


Подготовките за прославата траеле со месеци, а покани биле испратени и до делегации од Блискиот Исток, вклучувајќи го и амбасадорот на ОАЕ во Русија, Мохамед Ахмед Ал Џабер, кој го прекинал одморот во Абу Даби за да присуствува на настанот во Грозни, пишува „Новаја Газета“, повикувајќи се на извор од руското Министерство за надворешни работи.


Свадбата наводно била одложувана двапати, при што една од причините била желбата на Рамзан Кадиров неговиот син Адам да има приватна средба со претседателот на Русија, Владимир Путин. Се споменува и дека првично била планирана заедничка свадба со постариот син Зелимхан (Ели) минатото лето, но Кремљ тоа не го одобрил поради возраста на Адам.


Рамзан Кадиров преку својот канал на Телеграм соопшти дека претседателот Путин лично му честитал на семејството за свадбата, за што изразил „искрена благодарност“.

Сепак, најголемо внимание привлекоа луксузните детали: на раката на Адам Кадиров бил забележан скап часовник Jacob & Co. Billionaire Ashoka со 320 дијаманти, проценет на околу 27,7 милиони долари. Според пресметките на Марија Певчих од руската антикорупциска организација ФБК, просечен граѓанин на Чеченија би требало да работи повеќе од 1.500 години без да потроши ни денар за да може да си го дозволи тој часовник.


Командантот на специјалната единица „Ахмат“, Апти Алаудинов, исто така го привлекол вниманието со својот часовник, за кој се претпоставува дека е Badollet Observatoire 1872 Chronograph, со цена до 320.000 долари.

Видеа од свадбата го прикажуваат Адам Кадиров како вози специјална верзија на Mercedes G-класа, модел кој е забранет за увоз во Русија и чини околу 190.000 долари. На истите снимки се гледа и како пука со златен пиштол во воздух – што е забрането со рускиот закон, особено бидејќи се работи за малолетник и за употреба на вистинско оружје во свечени прилики.


Иако е малолетен, Адам Кадиров веќе извршува повеќе функции: тој е шеф на безбедносната служба на својот татко, од април 2025 година е секретар на Советот за безбедност на Чеченија и надзорник на Министерството за внатрешни работи и универзитетот за специјални сили. Тој е и носител на бројни државни одликувања и титулата Херој на Чеченската Република.