[ВИДЕО] Топлотен бран во Европа, Шпанија забележа рекордни 46 Целзиусови степени

Макфакс

30/06/2025

16:53

1.813

Големина на фонт

а а а

Топлотниот бран продолжува да зафаќа големи делови од Европа, а властите во многу земји издаваат здравствени предупредувања поради неподносливата топлина. Јужна Шпанија е најтешко погодена, со температури над 40 степени Целзиусови регистрирани во Севиља и околните области.

Според шпанската национална метеоролошка служба, нов јунски температурен рекорд од 46 °C е поставен во градот Ел Гранада во саботата. Истиот извор извести дека овој месец е на пат да стане најжешкиот јуни досега.

Црвени предупредувања за екстремна топлина се во сила во делови од Португалија, Италија и Хрватска, а многубројни портокалови предупредувања опфаќаат области од Шпанија, Франција, Австрија, Белгија, Босна и Херцеговина, Унгарија, Србија, Словенија и Швајцарија, пишува Би-би-си.

Во Барселона жена почина откога ја заврши својата смена како чистач на улици во саботата кога температурите беа многу високи. Локалната самоуправа ги истражува околностите на нејзината смрт.

Во Италија одделенијата за итни случаи во болниците во целата земја забележаа пораст на случаи на топлотен удар, главно кај „стари лица, онколошки пациенти или бездомници“, изјави Марио Гуарино, потпретседател на Италијанското друштво за итна медицина, за АФП.

Болниците, како што е „Оспедале деи Коли“ во Неапол, воспоставија посебни протоколи за лекување топлотен удар за да им овозможат на пациентите пристап до клучни терапии, како што е потопување во ладна вода што е можно побргу.

Градот Болоња отвори седум климатизирани засолништа со вода за пиење, а Рим им им дозволи на луѓето над 70 години бесплатно да влегуваат во градските базени. Лекар во Лисабон, главниот град на Португалија, изјави за „Ројтерс“ дека веќе има случаи на топлотен удар и изгореници и покрај предупредувањата да се остане во затворен простор во најжешкиот дел од денот.

Топлотниот бран го погоди и Западен Балкан со температури над 40 Целзиусови степени. Србија ја забележа највисоката температура на 26 јуни откога почнаа евиденциите во 19 век. Словенија ја забележа највисоката јунска температура во саботата. И Македонија беше погодена од екстремна топлина, со температури што достигнаа 42 Целзиусови степена во петокот.

Лондон денес ќе достигне 35°C

Температурите ќе продолжат да растат во некои области до средината на неделата, а во следните неколку дена се очекува нов топлотен бран во Франција, Германија, Италија и во Велика Британија. Овој викенд беа во сила жолти и портокалови временски предупредувања за делови од Англија, а се очекуваше температурите во Лондон денес да достигнат 35°C.

Жештината се зголемува под голема област со висок притисок, со сув воздух што се спушта и се затоплува. Бидејќи овој процес продолжува неколку дена, температурите постепено се зголемуваат. Областа со висок притисок ќе се движи кон исток во следните неколку дена носејќи високи температури на север и на исток.

Иако е тешко директно да се припишат одделни екстремни временски настани на климатските промени, топлотните бранови стануваат сè почести и поинтензивни токму поради оваа промена.

Научниците од организацијата World Weather Attribution, која го анализира влијанието на климатските промени врз екстремното време, велат дека јунските топлотни бранови со три последователни дена над 28°C сега се речиси десет пати поверојатни отколку во прединдустриското време.