Европа е погодена од силен топлотен бран, кој веќе одзеде два живота во Италија. Во Болоња, 47-годишен работник почина откако се разболе на градилиште, додека 70-годишен маж се удави за време на ненадејни поплави во близина на Торино.
Во Турција, повеќе од 50.000 луѓе беа евакуирани поради шумски пожари, додека пожарите зафатија и други провинции како што се Билеџик, Маниса и Хатај. Франција го забележа најтоплиот јунски ден во историјата во неколку градови, а Париз и 15 други региони воведоа црвен метеоролошки аларм. Над 1.300 училишта беа затворени.
Температурните рекорди беа срушени во Шпанија и Португалија – 46°C беа измерени во Ел Гранада, додека 46,6°C беа измерени во Мора, Португалија. Во Италија, највисоко ниво на предупредување за висока температура е прогласено во 21 град, а работата на отворено е забранета во најжешките часови од денот во региони како што е Ломбардија, пишува Би-Би-Си.
Во Грција, пожари ги зафатија крајбрежните градови во близина на Атина, а луѓето беа евакуирани од своите домови. Во Германија се очекуваат температури до 38°C, додека најжешкиот прв ден од турнирот беше забележан на Вимблдон во Велика Британија – 32,9°C.
Еколошките влијанија се зголемуваат: Јадранското Море доживува зголемување на инвазивните видови како што се лавската риба, а алпските глечери доживуваат рекордно топење.
ООН предупредува дека екстремната топлина ќе стане почеста и поопасна поради климатските промени.„Ова е сериозна закана за здравјето, животната средина и основните човекови права“, рече високиот комесар на ООН за човекови права, Фолкер Турк.