Рамблин Ренди, патник од Сан Диего, стана еден од ретките луѓе во светот кој ги посетил сите земји на планетата.
Тој ја заокружил својата авантура во 2023 година кога ја посетил последната земја на неговата листа – Туркменистан, достигнувајќи импресивна бројка од 193 земји, пренесе „Мирор“.
За време на патувањата, тој стекнал различни искуства и објасни дека една земја толку многу го инспирирала што решил да го промени целиот свој живот. Веќе во 2019 година, кога бил на половина пат и посетил 120 земји, во интервју за „LOST iN“ тој ја споделил неговата листа на 10 омилени земји – меѓу кои беа Швајцарија, Џибути, Брунеи и Ерменија, но една земја се издвојуваше.
„Секогаш ме прашуваат која ми е омилената земја“, рече Ренди. „За мене одговорот е едноставен – тоа е единствената земја што ме натера да ги спакувам куферите, да дадам отказ од работа и да се преселам. А таа земја е Бразил“, додаде тој.
Потоа Ренди се присетил на моментот кога првпат го здогледал Ресифе, град на брегот на Атлантскиот Океан:
„Кога ги видов пастелните облакодери покрај плажата од авионот, сè ме потсети на Мајами Бич. Знаев дека морам да се вратам.“ И се вратил. Веќе за време на неговата следна посета, изнајмил стан, а по враќањето во САД, дал отказ од работа и се преселил во Бразил.
„Тоа беше еден од највозбудливите периоди во мојот живот“, истакна Ренди.
Инаку Бразил е најголемата земја во Јужна Америка, со повеќе од 7.000 километри крајбрежна линија долж Атлантскиот Океан. Се граничи со сите јужноамерикански земји освен Чиле и Еквадор, а речиси 60% од амазонската дождовна прашума лежи во нејзините граници. Ренди ја опиша реката Амазон, нејзините розови делфини, пирани и илјадници уникатни видови како прекрасен природен спектакл кој го одзема здивот.
Иако Бразил го освои неговото срце, крајот на неговото големо патување дојде во 2023 година, кога ја посетил последната земја на неговата листа – Туркменистан.
„Беше горчливо-слатко. Имав значка за секоја земја и ова беше последната. Туркменистан“, раскажа Ренди.
Тој го опиша Туркменистан како една од најмистериозните земји во светот, а самиот влез во земјата бил вистински логистички предизвик: „Единствениот начин да се посети Туркменистан е преку овластена туристичка агенција“, додаде тој.
И покрај сложеноста на патувањето, Ренди истакна дека целиот проект ги поместил неговите граници и му овозможил не само да прифати, туку и навистина да ги засака другите култури.
Според Обединетите нации, во моментов има 195 признати држави – 193 членки на ОН и две држави набљудувачи: Ватикан и Палестина.
Ренди ги посетил сите нив – но само една станала негов нов дом.