Тројца пациенти кои беа тешко повредени во пожарот во дискотеката во Кочани сè уште се лекуваат надвор од земјата, двајца во Турција и еден во Словенија, информираше денеска министерот за здравство Азир Алиу, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Министерството за здравство.
Министерот потврди дека сите тројца се во стабилна здравствена состојба, а состојбата на повредените што се лекуваат во земјава се следи редовно. Неколкумина се згрижени во Клиниката за пластична хирургија, каде што се третираат поради длабочината на изгорениците. Дополнително, двајца пациенти се хоспитализирани во приватната болница „Систина“, исто така во стабилна состојба.
Во меѓувреме, се реализира рехабилитација и на планината Пониква. Таму во моментов се наоѓа првата група пациенти, на кои им асистираат пет физиотерапевти, специјалист физијатар и општ хирург, соопшти Алиу.
„Младите се изразиле дека сакаат да продолжат и понатаму со програмата. Веќе имаме барања од некои од нив да останат и со втората група, која најверојатно ќе започне со рехабилитација од втората половина на јули“, рече министерот Алиу.
Во врска со обвинувањата од роднини на загинатите за наводен несоодветен третман и недостиг на опрема во болницата во Кочани, министерот истакна дека очекува институциите надлежни за истрага да дадат јасни одговори.
„Кочанската болница е меѓу нашите топ приоритети. Откако сум министер, правиме сè што е можно во рамките на надлежностите за нејзино соодветно опремување. Работна група континуирано работи на тоа“, додаде тој.
Алиу извести дека во моментов на Клиниката за онкологија има терапија, а во понеделник ќе има средба со директорот за дополнително подобрување на состојбата.
Се осврна и на состојбата со Психијатриската болница „Бардовци“, која, според него, „не личи на болница“, поради лошата инфраструктура и недостигот од кадар. Донесени се одлуки за вклучување на стручни лица од други установи кои ќе доаѓаат повремено и ќе им помагаат на пациентите таму.
Во врска со проблемот со паркинг-просторот за вработените во Клиничкиот центар, министерот посочи дека веќе има применето решение за надворешно паркирање, кое наишло на мешани реакции.
„Во тек е подготовка на втора фаза од решението, која ќе подразбира и уредување на внатрешниот паркинг-простор во рамки на кампусот“, најави Алиу.