На вториот Конгрес на партијата Движење ЗНАМ за наша Македонија, Максим Димитриевски денеска едногласно повторно ја доби довербата од делегатите и беше реизбран за претседател на партијата. Во своето обраќање тој порача дека ЗНАМ останува нова политичка сила што работи со и за граѓаните, а неговата цел е да создаде нови лидери и да го трансформира движењето во сериозен политички субјект на македонската сцена.
„Преземаме голема одговорност. Ова не е игра или обид. Ова е да создадеме нешто ново бидејќи Македонија тоа го заслужува и ние тоа го правиме. Тоа ни го потврдуваат тие што не обвинуваат, критикуваат, бидејќи нормите во Македонија се променија во корен“, рече Димитриевски.
Тој вети дека никој нема да избега од одговорност, без разлика колку и да се обидува да се приближи до политичката елита.
„Сите волци сега облечени во јагнешки кожи плаќаат портали, медиуми и инфлуенсери да шират омраза, лаги и јавни обвинувања против луѓе од кои се плашат, бидејќи вистината секогаш излегува на виделина“, изјави Димитриевски.
Лидерот на ЗНАМ порача дека партијата цврсто стои на идеолошките темели на Крушевската република и АСНОМ и не е ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту СДСМ.
„ЗНАМ не е ниту ВМРО-ДПМНЕ, а уште помалку СДСМ. Не е ниту една друга партија – ЗНАМ е гласноговорник на народот и коректор на власта. Но оваа власт заслужува шанса затоа што народот така одлучи“, потенцираше тој.
Во обраќањето, Димитриевски говореше и за етничката разновидност во партијата, нагласувајќи дека во ЗНАМ членуваат и граѓани кои се изјаснуваат како Бугари.
„Го почитувам бугарскиот народ, но не го почитувам тоа што доаѓа од официјална Софија. Особено не ја почитувам резолуцијата на бугарскиот парламент и ставовите на претседателот Радев. Сакаме да бидеме блиски со сите соседи, но оставете нè да си ја тераме македонската работа на македонски начин“, порача Димитриевски.
Тој повтори дека ЗНАМ е за членство во Европската Унија, но не по секоја цена.
„Имаме природно право да бидеме дел од ЕУ, но нема да се откажеме од себе си, нема да ја бришеме нашата историја, ниту да газиме по коските на предците. Тоа е нашата основна идеја – Крушевскиот манифест и АСНОМСКАТА декларација“, изјави тој.
Претседателот на ЗНАМ ги повика сите сопартијци енергијата да ја претворат во дела, со цел ЗНАМ да стане голем политички субјект.
„Македонија со принципи и систем, не држава на лажни вести и дневна политика. Македонија праведна, чесна, достоинствена – тоа е нашата визија“, рече Димитриевски, додавајќи дека од Конгресот па натаму, ЗНАМ ќе се води по постулатите на отчетност, транспарентност, одговорност и посветеност.
На крајот од своето обраќање, испрати порака до членовите на партијата дека функциите се минливи, но принципите мора да останат.
„Да не заборавиме никогаш – да работиме по закон, посветено и чесно. Само така ќе ја искорениме корупцијата до крај“, заврши Максим Димитриевски, новоизбран претседател на Движењето ЗНАМ.