Стручњаците за сајбер-безбедност постојано ги предупредуваат сопствениците на надзорни камери да посветат сериозно внимание на безбедноста, особено кога станува збор за силни лозинки. Користењето на слаби лозинки им го олеснува пристапот на хакерите и може да ги изложи домашните системи без знаење на корисниците.
Но, во ситуации кога има вооружен конфликт – како што е случајот меѓу Израел и Иран – опасностите од хакирање се драстично зголемени, а во некои случаи може да бидат прашање на живот или смрт. На таа опасност јавно предупреди Рафаел Франко, поранешен заменик-директор на израелската национална управа за сајбер-безбедност, а денес извршен директор на "Code Blue", компанија за сајбер-заштита.
Според Франко, последниве денови е забележано зголемено дејствување на ирански хакери кои се обидуваат да пробијат надзорни камери и други уреди на израелски граѓани, со цел прибирање на воено-разузнавачки податоци. Информациите добиени од ваквите камери можат да откријат точни локации на паднати проектили и да се искористат за зголемување на прецизноста при идни напади, објаснува Франко.
И сообраќајните камери исклучени
Од израелската Национална дирекција за сајбер-безбедност потврдуваат дека нападите врз безбедносни камери од страна на ирански хакери се интензивирале. Најмногу се таргетираат камери со слаби безбедносни поставки – односно оние со стандардни (default) лозинки или едноставни комбинации кои лесно се пробиваат, пренесува "Zimo.hr".
Откако ќе ја пробијат лозинката, хакерите добиваат пристап до камерата и можат во реално време да ги следат видеата. Освен информации за ударите на проектили, можат да го следат и движењето на војници и други критични податоци.
Слична тактика користел и Хамас во минатото. Нивни членови со години хакирале илјадници приватни и јавни камери низ Израел за да прибираат разузнавачки информации, пренесува "Techspot".