Без телефон до 15-ти роденден

Точка

20/06/2025

15:29

1.155

Големина на фонт

а а а

Холандската влада е подготвена да им препорача на родителите да не им дозволуваат на децата под 15-годишна возраст да користат социјални мрежи, како и да не добијат паметен телефон пред да го завршат осмо одделение од основното образование.

Овие препораки ќе бидат дел од новите национални насоки за „Здраво користење на екрани“, кои ќе ги претстави државниот секретар Винсент Кареманс, пренесе "NL Times".

Препораките се советодавни и не се правно обврзувачки, но се однесуваат на апликации како "TikTok", "Snapchat", "YouTube", "Instagram" и "Facebook".


Предлогот доаѓа како одговор на растечкиот притисок од родители, научници и мнозинството во холандскиот парламент, кои бараат ограничување на пристапот на децата до паметни телефони и социјални мрежи.

Во март, пратеничките Ханеке ван дер Верф и Џеси Сикса Дајкстра предложија минимална возрасна граница од 15 години и повикаа на координација со други европски земји, каде слични мерки се веќе разгледуваат – како што е случајот во Данска и Франција.


Анкетите покажуваат дека четири од пет холандски родители ја поддржуваат оваа иницијатива, додека експертите предупредуваат на сериозни ризици по физичкото и менталното здравје на децата.

Освен тоа, новите насоки ќе вклучуваат и препораки за времето што децата од предучилишна возраст треба да го поминуваат пред екрани.