Бил Гејтс открива како ја ограничувал употребата на технологијата кај своите деца, вклучително и забраната за мобилни телефони, нагласувајќи ја важноста на одговорноста и зрелоста во дигиталната ера.
Иако токму тој придонесе за глобалната популаризација на технологијата, Гејтс бил мошне строг кога станува збор за начинот на кој неговите деца ја користеле.
Во едно интервју, технолошкиот магнат изјави дека на неговите деца не им било дозволено да имаат свој мобилен телефон пред да наполнат 14 години.
"Често поставуваме време по кое нема дозвола за седење пред екрани, и тоа им помага да заспијат во разумно време – изјави Гејтс. Тој додаде дека телефоните не се дозволени на трпезата, но децата смеат да ги користат за домашни задачи или учење.
Денес неговите деца имаат 28, 25 и 22 години, но долго време не смееле да поседуваат ниту еден производ на Apple, поради ривалството на Гејтс со основачот на "Apple", Стив Џобс.
Забрана за "Apple" уреди во домот
Иако ваквиот родителски пристап може да изгледа строг, одложувањето на користењето паметен телефон во детството можеби е мудра одлука. Според извештајот „Деца и технологија: Еволуција на денешните дигитални домородци“ од 2016 година, просечната возраст на која дете го добива својот прв паметен телефон е 10,3 години.
„Мислам дека таа возраст ќе стане уште пониска, бидејќи родителите се уморни од тоа постојано да им го даваат својот телефон на децата“, изјави тогаш Стејси ДеБроф, извршна директорка на "Influence Central".
Џејмс П. Стајер, извршен директор на "Common Sense Media" – непрофитна организација која оценува содржини и производи за семејства – исто така посочува дека има строго правило: децата добиваат телефон дури кога ќе започнат средно училиште и само ако покажале дека имаат самоконтрола.
„Нема две деца што се исти, и не постои магичен број – вели тој. – Возраста не е толку важна колку што се важни одговорноста и зрелоста на детето.
"PBS Parents" препорачува: Прашања што секој родител треба да си ги постави пред да му даде телефон на своето дете:
• Колку се вашите деца самостојни?
• Дали имаат реална потреба да бидат во контакт од безбедносни или социјални причини?
• Колку се одговорни?
• Дали можат да го разберат концептот на ограничувања за минути разговор и преземање апликации?
• Може ли да им се верува дека нема да испраќаат пораки на час, дека нема да ги вознемируваат другите и дека ќе ги користат функциите за пораки, фотографии и видеа одговорно (без да срамат или вознемируваат други)?
• Дали навистина им треба паметен телефон кој воедно е и музички плеер, филмски и гејминг уред, како и пристап до интернет?
• Дали им е потребен уред што ја открива нивната локација на пријатели – или на странци – како што тоа го овозможуваат некои нови апликации? И дали сте подготвени да ги прифатите дополнителните трошоци за новите мобилни пакети со интернет?