Каталонците: Капитенот на Барселона тргнува во војна со клубот – огорчен е

Точка

08/06/2025

13:40

1.445

Големина на фонт

а а а

Барселона го носи 24-годишниот Жоан Гарсија од Еспањол, кој треба да стане новиот прв голман на каталонскиот гигант. Оваа одлука жестоко го налути Марк-Андре тер Штеген, долгогодишниот прв голман и актуелен капитен на тимот. Во клубот повеќе не сметаат на него – резерва на Гарсија ќе биде Војчех Шчесни – но Германецот нема намера така лесно да замине.

„Тер Штеген е подготвен за војна“

„Тер Штеген сè уште не се огласил. Изненаден е од развојот на настаните и длабоко повреден, бидејќи сето тоа го доживува како личен напад на неговиот професионален интегритет. Верува дека намерно се пуштаат информации од соблекувалната за да се избрка од клубот, и директно го обвинува раководството дека на тој начин му испраќа порака да замине преку задната врата“, пишува каталонскиот весник "Sport", алудирајќи на шпекулации дека Тер Штеген бил причина за лошата атмосфера во тимот на крајот од сезоната.

„Германскиот голман моментално е подготвен за отворен судир. Физички е целосно заздравен и верува дека може да се избори за место меѓу стативите ако му се даде шанса од Ханси Флик. Најважно од сè – има важечки договор до 2028 година, продолжување договорено со актуелната управа, и не планира да се откаже од него. Според него, логичен момент за промена би бил по СП 2026, но не сега – и особено не на овој начин“, додава "Sport".


Не попушта

Тер Штеген не планира да попушти, а клубот не може лесно да се ослободи од него поради веќе споменатиот договор. Освен тоа, тој е еден од најплатените играчи, па на Барселона не ѝ одговара да го држи на платен список без да брани.

„Клубот е подготвен да му даде слободни документи и да му исплати една година од договорот како обесштетување, ако се откаже од останатите две. Во Барса веруваат дека може да се постигне договор ако се смират тензиите, иако Тер Штеген засега одбива секакви разговори. Ако сакаат да го избркаат, порача, нека му го исплатат целиот договор – исто како што постапија со кошаркарот Никола Миротиќ“, пренесува "Sport".


Огорчен е

Да потсетиме, Тер Штеген поради тешка повреда на коленото не бранеше од септември до април годинава. Во меѓувреме, Шчесни стана прв голман, а Германецот е повреден од начинот на кој беше третиран по враќањето. „Убеден е дека смената не е резултат на форма, туку на лични конфликти – особено со Деко и Флик, со кои наводно нема добри односи“, стои во текстот.

„Верува дека сè почнало по повредата, кога клубот лесно се откажа од него, токму во моментот кога најмногу се трудел да се врати. Го скрати времето за закрепнување за да помогне на екипата, а сега се чувствува како вишок. Длабоко е разочаран и смета дека неговиот углед намерно е нарушен“, се додава.


Планот на Тер Штеген е јасен

Барселона се надева дека желбата на Тер Штеген да биде прв голман на Германија на СП 2026 ќе им оди во прилог, бидејќи за тоа му треба минутажа. Сепак, тој нема намера да оди во егзотични лиги само за да брани – сака да остане на највисоко ниво.

„Планот му е јасен – ќе се појави на подготовките на Барселона, без разлика кој ќе го пречека таму. Подготвен е за судир, кој може да стане голем проблем за Флик, соиграчите и за Жоан Гарсија, кој може да се најде во центарот на конфликт во кој не учествува“, заклучува "Sport".