Новиот електромотор на шведско-швајцарскиот технолошки гигант "ABB" постави нов светски рекорд во ефикасност.
Електромоторите вообичаено достигнуваат ефикасност меѓу 95 и 98 проценти. Сега "ABB" успеа да го надмине сопствениот рекорд поставен во 2017 година, кога разви мотор со ефикасност од 99,05 проценти. Новиот модел достигнува неверојатни 99,13 проценти.
Ефикасноста на еден мотор се мери според количината на механичка енергија, односно искористливата енергија што ја произведува. Колку е поголема искористената сила, толку се помали загубите, што резултира со висока енергетска ефикасност.
Новиот мотор на "ABB" е произведен во Вестерос, Шведска, и ќе се користи како единица за одвојување воздух во машински систем во една челичарница во Индија.
Овој рекордер тежи 95 тони, има над 76.410 коњски сили, а номиналната брзина му е поставена на 1.000 вртежи во минута. Иако новиот резултат го надминува претходниот за само 0,08 проценти, тоа сепак претставува значајна разлика во ефикасност, со директни придобивки во енергетската заштеда и финансиските трошоци.
Според проценките на "ABB", подобрената ефикасност ќе овозможи заштеда од околу пет милиони евра, а моторот има загарантиран работен век подолг од 25 години.