"Pornhub" и слични платформи се повлекуваат од европска земја

Точка

04/06/2025

15:44

701

Големина на фонт

а а а

Француските корисници кои во среда ќе се обидат да пристапат до веб-страниците "Pornhub", "YouPorn" и "RedTube" наместо вообичаената содржина за возрасни ќе наидат на порака со која се критикува новиот закон за задолжителна верификација на возраст. Компанијата "Aylo", сопственик на овие платформи, најави повлекување од Франција како одговор на законот што бара дополнителни проверки на возраста на корисниците.

„Можам да потврдам дека "Aylo" донесе тешка одлука да го сопре пристапот до своите платформи со содржина поставена од корисници ("Pornhub", "YouPorn", "RedTube") во Франција. Преку овие платформи директно ќе ѝ се обратиме на француската јавност“, соопштија од "Pornhub" во вторникот.

Законот, кој Франција го воведува постепено од почетокот на годината, бара сите веб-страници со содржина за возрасни да обезбедат дека корисниците имаат најмалку 18 години, преку методи како проверка на кредитни картички или идентификациски документи. За заштита на приватноста, предвидена е и т.н. „двојно слепа“ верификација преку трета страна, со што платформите не би ги гледале личните податоци на корисниците.

Сепак, "Aylo" тврди дека станува збор за неефикасно решение кое ги изложува корисниците на ризик од злоупотреба, хакерски напади и истекување информации. Компанијата предлага државите да бараат решенија од производителите на оперативни системи како "Microsoft" (Windows), "Apple" (iOS) или "Google" (Android), наместо од самите платформи.


„"Aylo" го поддржува концептот на верификација на возраст“, изјави извршната директорка Алекс Кекеши, но додаде дека „барањето од поединечни страници да ја проверуваат возраста на посетителите претставува сериозен ризик за правото на приватност на корисниците“.

Претставникот на сопственикот "Ethical Capital Partners", Соломон Фридман, додаде:

„Google, Apple и Microsoft веќе имаат можност да ја верификуваат возраста на корисниците на ниво на уред или оперативен систем. Тие можат да испраќаат сигнал за возраста до која било веб-страница или апликација, без споделување чувствителни податоци со бројни платформи.“


Пораката што "Aylo" ќе ја прикаже на француските корисници ќе биде проследена со слика на „Слобода го води народот“ од Ежен Делакроа, на која е прикажана алегориската фигура на слободата со голи гради.

Француската министерка за култура Орора Берже ја поздрави оваа одлука, наведувајќи на социјалната мрежа X дека така ќе има помалку насилен, деградирачки и понижувачки материјал достапен за малолетници. Министерката за дигитални технологии Клара Шапаз додаде:

„Ако "Aylo" претпочита да ја напушти Франција отколку да ги почитува нашите закони, слободни се тоа да го сторат.“


Француската регулаторна агенција "Arcom" проценува дека дури 2,3 милиони малолетници месечно пристапуваат до порнографска содржина, и покрај постоечките закони што треба да го спречат тоа.

Платформите со содржина за возрасни се веќе под зголемен притисок и во остатокот од Европската унија. Европските регулатори минатиот месец најавија истраги против повеќе веб-страници, вклучително и "Pornhub", поради непочитување на правилата за заштита на децата, пренесе "Guardian".