Лука Модриќ вчера за последен пат го носеше белиот дрес на Реал Мадрид на домашниот „Сантијаго Бернабеу“, стадион кој вечно ќе му остане во позитивно сеќавање поради сето она што го доживеа во домот на „кралскиот клуб“.
Во 13 одиграни сезони во Реал, Модриќ успеа да освои дури 28 трофеи и да стане најуспешен играч во историјата на клубот, па како ѕвезда која повеќе од една деценија ги радуваше навивачите, по натпреварот со Реал Сосиедад доби за задача да го избере и најспецијалниот меч и најнезаборавниот момент.
Модриќ вели дека посебно ќе ја памети претпоследната титула освоена во Лигата на шампиони, онаа во која на патот до финалето беа направени низа незаборавни и луди пресврти.
– Ако зборуваме само за „Бернабеу“, има навистина низа неверојатни натпревари. Уф….. тешко е да се избере, но најмногу се сеќавам на претпоследната титула во Лигата на шампиони, на оние пресврти против ПСЖ, Челси и Сити.
– Ако треба да изберам еден момент, ќе кажам ПСЖ. Го велам тоа поради мојата прогноза. Им реков на соиграчите дека ќе ја освоиме титулата во Лига на шампиони ако направиме пресврт и така испадна. Многу е тешко да се избере еден меч, но ако треба да бирам, тогаш тоа е ПСЖ, – изјави Лука за Реал Мадрид ТВ.