Микропластиката и нанопластиката сами по себе се штетни не само за животната средина, туку и за здравјето на луѓето.
Нанопластичните честички, со големина помала од еден микрометар, предизвикуваат сè поголема загриженост поради можните негативни ефекти врз здравјето на луѓето и животната средина. Истражувањето објавено во „Journal of Nanobiotechnology“ покажа дека овие честички можат да го променат однесувањето на бактеријата Ешерихија коли, познатата причина за труење со храна, и да ја направат уште поопасна.
Научниците од Американскиот универзитет во Илиноис, предводени од молекуларниот микробиолог Патрик Банерџи, создадоа нанопластика од полистирен и ја наполнија со позитивен, негативен или неутрален набој, пред да ја изложат на бактеријата E. coli. Тие се фокусирале на влијанието на површинскиот набој на пластиката врз бактериските реакции.
„Почнавме со површински набој. Пластиката има огромен капацитет за адсорпција на хемикалии. Секоја хемикалија различно влијае на површинскиот полнеж, во зависност од количината на адсорбирана хемикалија и видот на пластиката“, објаснил Банерџи.
Јасен ефект врз E. coli
Позитивно наелектризираните честички предизвикале најсилен физиолошки стрес кај бактериите. Иако преживувањето на E. coli не било значително засегнато, било забележано зголемено производство на токсин сличен на токсинот Шига, кој е главна причина за болести кај луѓето.
„Во овој труд не се занимававме со влијанието на самите хемикалии, тоа е тема на нашата следна студија, но ова е првиот чекор во разбирањето како површинскиот набој на пластиката влијае на реакцијата на патогената E. Coli“ рекол Банерџи.
Бактериите на E. coli исто така биле тестирани во форма на биофилмови, односно лепливи заедници што тие често ги формираат на површините. Дури и во таа форма, присуството на позитивно наелектризирани нанопластики предизвикало стрес и зголемено лачење на споменатиот отров. Евидентирани се и промени во изразувањето на гените поврзани со вирулентноста, под влијание на позитивен и негативен полнеж.
„Биофилмот е многу цврста бактериска структура и тешко се отстранува. Претставува голем проблем во медицината, каде што се формира на вметнати помагала како катетери или импланти, како и во прехранбената индустрија. Една од нашите цели беше да откриеме што се случува кога овој човечки патоген, кој често се пренесува преку храна, ќе дојде во контакт со нанопластиката од перспектива на биофилм“, истакнал Банерџи.
Идни истражувања
Резултатите укажуваат на загрижувачка поврзаност помеѓу загадувањето на животната средина и јавното здравје, што бара дополнително истражување за тоа како нанопластиката може да влијае на однесувањето и на другите патогени бактерии кај луѓето.