Перински: Министерството за локална самоуправа активно се вклучува со конкретни активности за решавање на проблемот со аерозагадувањето

Макфакс

22/05/2025

19:56

134

Големина на фонт

а а а

„Чиста животна средина и спречување на аерозагадувањето се обврска на секој поединец, но и на секоја институција. Иако Министерството за локална самоуправа нема директни ингеренции во областа на аерозагадувањето, сепак активно се вклучува со конкретни активности таму каде што има можност. Заштитата на животната средина и природата, како и преземањето на мерки за спречувањето на загадувањето на воздухот се утврдени како надлежности на општините согласно Законот за локална самоуправа. Ова значи дека борбата за чист воздух е заедничка обврска и одговорност на сите нивоа на власт“, изјави министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на денешната надзорна расправа во Собранието на тема „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје“.

Перински се осврна на Акцискиот план за спроведување на програмата за одржлив локален развој и децентрализација за периодот 2024-2026 година кој предвидува конкретни мерки за справување со аерозагадувањето.

„Во таа насока Акцискиот план за спроведување на програмата за одржлив локален развој и децентрализација за периодот 2024-2026 година предвидува конкретни мерки за справување со аерозагадувањето, препознавајќи ја сериозноста и влијанието на квалитетот на животот“, подвлече Перински.

„Предвидените мерки опфаќаат подобрување на сообраќајните услови за превозни средства кои не предизвикуваат аерозагадување, зајакната соработка меѓу државата и општините, институционални активности, како унапреден мониторинг, засилен инспекциски надзор и подготовка на локални планови за квалитетен воздух. Спроведувањето на овие мерки бара координиран ангажман од повеќе институции, со што темата добива заслужен приоритет во националните развојни политики“, посочи тој.

Перински истакна дека Министерство за локална самоуправа посредно учествува и во финансирање на активности во областа на животната средина. Тој нагласи дека е потребно да се предлагаат мерки и решенија коишто ќе го подигнат или превенираат проблемот со аерозагадувањето.