ВМРО-ДПМНЕ: СДС заборава дека претседател на политичка партија беше гувернер

Макфакс

22/05/2025

15:07

260

Големина на фонт

а а а

СДС обвинува дека предлогот на претседателката Силјановска Давкова за гувернер на НБРМ бил „теснопартиски“. Забораваат дека претседател на политичка партија, претходничка на нивната СДСМ, во 2004 беше назначен за гувернер на НБРМ непосредно по вршењето на функцијата министер за финансии во влада предводена од СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Господинот Петар Гошев, кој, исто така, претходно бил пратеник во Собранието на Република Македонија во два собраниски состави, додаваат од партијата, остана на гувернерската позиција цели 7 години.

„Исто така, сакаме да ги потсетиме СДС дека професорот Трајко Славески своевремено во раните 1990-ти години остро го критикуваше грабежот на општествениот капитал што го изврши тогашното раководство на СДС, во полза на македонските олигарси. Со тоа стотици илјади работници останаа без работа и без средства за егзистенција. Во тој период, штитејќи ги правата на работниците за праведна приватизација, професорот Славески беше неформален советник на тогашното раководство на Сојуз на синдикатите на Македонија. Синдикалното гласило „Трудбеник“ во 1995 година го прогласи за „економист на годината““, се вели во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека професорот Славески секогаш се залагал за унапредување на општиот интерес и бил во служба на напредокот на Република Македонија, наспроти интересите на тесни групи за интерес.