„Качамак диетата“ не е официјално признаена диета, но во последно време се споменува како едноставен режим на исхрана базиран на консумирање качамак (палента) – поради неговата ситост, едноставност и низок внес на масти (доколку се подготвува без адитиви како сирење, павлака, путер).
Во продолжение ви го пренесуваме искуството на Марија (38) од Белград, која ја пробала оваа популарна диета:
„Од пријателка слушнав дека била на некоја „качамак диета“ и дека ослабела 3 килограми за една недела, па решив да ја пробам. Сакам палента и ми се допадна што не е многу комплицирано да се зготви“, рече таа.
„Правилата беа едноставни: три главни оброци на ден, каде што главниот дел од чинијата беше качамак, без додавање маснотии. Покрај тоа, јадев малку сирење со ниска масленост, кисело млеко или салата без масло“, раскажа Марија.
Потоа додаде: „Првите два дена имав мала главоболка и се чувствував успорено, но потоа телото почна да се адаптира. Качамакот ме држеше сита, бидејќи се вари бавно“.
Марија објасни дека најголемиот предизвик бил недостатокот на протеини и желбата за нешто „поконкретно“ – месо или јајца, но додаде дека пиела многу вода и зелен чај.
„По 7 дена, вагата покажа 2,8 кг помалку. Не беше спектакуларно, но се чувствував полесно, а стомакот ми беше видливо помал. Штом почнав нормално да јадам, се здебелив половина килограм – што и очекував“, објасни таа.
Меѓутоа Марија истакна дека не би ја повторувала оваа диета често, бидејќи е сиромашна со протеини и може брзо да стане здодевна, но како краткорочно „ресетирање“ – не е лоша идеја, пренесе „kurir.rs“.