Студиото е заслужно за дизајн на бројни легендарни автомобили, како што се "BMW M1", "Lamborghini Gallardo", "Lotus Esprit", "DeLorean DMC-12", "Maserati MC12" …
Италијанскиот дизајнерски гигант, познат по создавање на некои од најпознатите спортски и суперспортски автомобили во историјата, наскоро би можел да добие нов сопственик.
"Italdesign", кој од 2010 година се наоѓа под капата на групацијата "Volkswagen" (поточно "Lamborghini", а сега "Audi"), потенцијално е на продажба – како дел од германскиот план за намалување на трошоците.
Според информациите на "Automotive News Europe", синдикалните претставници на "Italdesign" биле известени дека компанијата веќе спроведува детална анализа (т.н. „due diligence“ проверка), што укажува на сериозна подготовка за продажба.
Состанок со вработените е закажан за 12 мај во седиштето на компанијата во Италија.
Веста првично ја објави италијанскиот весник "Corriere della Sera", а нивните извори тврдат дека "Audi" не ја разгледува продажбата само како можност – туку дека процесот веќе е започнат.
Иако досега не се спомнати конкретни купувачи, во Торино расте загриженоста поради неизвесната иднина.
По состанокот на 12 мај, закажан е уште еден на 19 мај, на кој ќе учествуваат и претставници на Индустриската унија на Торино.
Торино, кој некогаш важеше за светски центар на автомобилскиот дизајн, последниве години се соочува со големи удари.
"Bertone" згасна во 2014 година, пред да биде оживеан со нови сопственици во 2022, но за најавениот суперспортски модел од таа компанија речиси и да нема вести една година.
"Pininfarina" беше продаден на индиската компанија "Mahindra".
"Italdesign" барем остана во Европа благодарение на "Volkswagen" – но тоа сега може да се смени.
Со оглед на сè поголемото влијание на кинеската автомобилска индустрија, не е исклучено овој бренд да заврши во рацете на некој кинески гигант.
Можното отуѓување на "Italdesign" е дел од пошироката финансиска криза во рамки на "VW" групацијата.
И покрај порастот на продажбата на електрични возила, концернот се соочува со сериозни буџетски предизвици, кои речиси доведоа до затворање на фабрики во Германија.
Во наредните пет години, "Volkswagen" планира да го намали бројот на вработени за повеќе од 35.000. За жал, "Italdesign" би можел да стане дел од тие резови.
Компанијата сè уште нема излезено со официјален коментар за наводите околу продажбата.
Инаку, овој дизајнерски студио стои зад изгледот на многу легендарни спортски автомобили, како што се: "BMW M1", "Lamborghini Gallardo", "Lotus Esprit", "DeLorean DMC-12", "Maserati MC12" и многу други.
Дополнително, тие се заслужни и за дизајнот на првата генерација на "VW Golf", "Lancia Delta", "Alfa Romeo 159', "Saab 9000" …
Останува да видиме како ќе изгледа следното поглавје во историјата на овој славен италијански бренд.