Кинезите најавија спортски автомобил, тврдат дека ќе биде подобар од "Ferrari SF90"

Точка

06/05/2025

13:37

1.730

Големина на фонт

а а а

Откако "Great Wall Motor" (GWM) го изненади светот со премиерата на сосема нов бензински "V8" мотор 4.0 со два турбо полначи, пристигнува новост која потврдува дека Кинезите не се задоволуваат само со доминација во електричната мобилност.

"GWM" така најави и 3.0-литарски шестцилиндричен дизел-мотор, но и – суперавтомобил. Во неодамнешно интервју објавено на кинеската социјална мрежа "Weibo", технолошката директорка Ву Хуиксиа откри дека веќе пет години работат на развој на суперавтомобил, со јасна цел: да бидат подобри од "Ferrari". Таа додаде дека компанијата активно учи од конкурентите, па ангажирала и експерт од патеката Нирбургринг, кого го довела во Кина за активно да учествува во развојот на возилото.

Проектот, сепак, се соочува со предизвици – изработката на карбонска шасија се покажала како сложена, а намалувањето на трошоците и понатаму останува пречка. И покрај тоа, "GWM" не се откажува, иако официјалното претставување сè уште не е закажано.


Големото прашање е: што ќе го придвижува овој мистериозен суперавтомобил? Големиот "V8" мотор најверојатно нема – потврди Ву – бидејќи е преголем за платформата. Можно е да користи постоечки помал мотор или да се развие нов, но најверојатна е варијанта со "plug-in" хибриден погон. Да потсетиме, "GWM" веќе располага со моќен "V6 plug-in" хибрид од 516 коњски сили во моделот "Tank 700", како и "Hi4-Z" верзија со дури 851 коњски сили, која користи 2.0-литарски бензински мотор во комбинација со два електромотора.

Ако навистина целта е да се конкурира "Ferrari SF90 Stradale", тогаш станува збор за автомобил што мора да биде исклучително брз и технолошки напреден. Веќе видовме болиди како "BYD Yangwang U9" и "GAC Aion Hyper SSR", така што и "GWM" ќе настојува да импресионира.


Дека не се работи за некакво олеснување потврдуваат и гласините дека претседателот на "GWM", Џек Веј, бил виден зад воланот на вистински "Ferrari SF90". Очигледно сака добро да го запознае идолот – и идната конкуренција. Но, тоа е само делумно точно, бидејќи Кинезите технолошки можат да конкурираат, но тешко ќе го надминат статусот и гламурот што го носи еден автомобил со знакот на "Ferrari". Сепак, некои купувачи можеби ќе го изберат токму новитетот со импресивни перформанси – по значително пониска цена. Во секој случај, ќе биде интересно.

Да потсетиме, "Great Wall Motor", кој ги опфаќа брендовите "Haval", "Wey", "Tank" и "Ora", во моментов главно се фокусира на "SUV" и pickup возила.