Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски денес направи увид на штетите од последното невреме што ја зафати територијата на општина Василево. На земјоделците им вети дека комисии за проценка на штетите ќе почнат со работа предвреме.
„Деновиве, Комисиите ќе излезат на терен нема да го чекаат крајниот рок до 20-ти мај кога треба да заврши повикот за пријавување на штети, се со цел да направиме благовремена процена на штетата која што е причинета, затоа што се работи за раноградинарски производи. Треба да излеземе во пресрет на земјоделците, побргу да ја направиме проценката, за да се обноват површините кои што се зафатени“, рече министерот Трипуновски.
Јавниот повик за пријавување на штета тече, а првичните барања веќе се пристигнати. Комисиите за проценка на штетата се веќе формирани, а Министерството ќе помогне со стручни луѓе од подрачната единица.
По завршување на целата проценка збирниот елаборат ќе биде доставен до второстепена комисија на Владата а потоа Владата ќе се одлучи за висината на проценката.