Американскиот водител Џонатан Хант стана мета на критики откако неговата гостинка, политичката коментаторка Камрин Кинси, се онесвести за време на преносот во живо. Имно многуима гледачи не можеа да поверуваат колку била ладна неговата реакција.
Инаку Камрин Кинси, која е поранешна службеничка на администрацијата на Трамп, беше гостинка на „Фокс њуз“ и требаше да го коментира гостувањето и интервјуто на поранешниот американски претседател Џо Бајден во емисијата „The View“. Бајден изјави дека Камала Харис ги загубила претседателските избори во 2024 година единствено поради сексизам – што Кинси, секако, го искоментира.
„Тие се обидуваат да ја променат историјата затоа што имаа неуспешна кампања и неуспешно претседателствување. Таа беше задолжена за границата, а никогаш не отиде таму. Ова не е прашање на идеологија, туку на неспособност“, изјави Кинси.
Кратко потоа, таа почна да пелтечи и да губи концентрација, а во следниот момент се струполи од столот.
Камерите брзо го префрлија фокусот кон водителот Џонатан, кој изгледаше доста изненаден од ситуацијата и се обиде да го одвлече вниманието на гледачите: „О, Боже …Сега ќе побараме помош за Камрин… Лидија, додека чекаме помош, да се вратиме кај тебе… Всушност, сега ќе направиме кратка пауза. Се враќаме наскоро“, рече Џонатан.
Потоа „Фокс њуз“ се префрли на реклами, а кога се вратија во програмата во живо, Хант ги информираше гледачите дека Камрин е свесна и прима болничка нега: „Камрин сега е на нозе, лекарите се со неа. Ќе продолжиме да ве известуваме и секако, ѝ посакуваме брзо закрепнување“.
Коментари од гледачите
И покрај официјалниот тон, гледачите не ја доживеаа баш така реакцијата на водителот. Имено на многумина не им се допадна што Хант дури и не се обиде да ѝ се приближи на Камрин кога таа се струполи, туку едноставно ја продолжи емисијата како ништо посебно да не се случило. Социјалните мрежи за кратко време беа преплавени со негативни коментари.
„Еј Џонатан Хант, кога гостинката ќе ти се онесвести и ќе удри со главата од подот – треба да ѝ помогнеш. Не да продолжиш како ништо да не се случило. Ова беше многу ниско од твоја страна“, напиша еден корисник на „Х“. Друг додаде: „Не сум обожавател на Камрин Кинси, но ова беше навистина ужасно. Зошто првата реакција на Џонатан не беше да ѝ се приближи, туку да продолжи со програмата?“ Трет едноставно праша: „Зошто не стана од тоа столче и не отиде да ѝ помогне?“
Инаку „Фокс њуз“ сè уште не се огласи во врска со случајот, па корисниците на „Х“ коментираа дека нивната реакција воопшто не била емпатична.