Вучиќ се огласи од Москва по проблемите со летот

Макфакс

07/05/2025

18:15

1.487

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска пристигна во Москва, каде на аеродромот Внуково го пречека заменик министерот за надворешни работи на Русија, Александар Грушко.

Доаѓањето на Вучиќ во живо го пренесуваше најгледаната руска телевизија „Русија 24“. На Вучиќ му беше договорен свечен пречек.

„После многу години, повторно во Москва. Горд на антифашистичката борба на мојот српски народ и благодарен за огромната помош што ја имавме од Црвената армија за време на ослободувањето на Србија“, напиша Вучиќ на Инстаграм.

Вучиќ околу 11 часот полета од Белград за Москва, каде што треба да присуствува на прославата на Денот на победата на Црвениот плоштад. Авионот привремено слетал во Баку бидејќи немал дозвола за летање поради борбени операции. Откако доби зелено светло, летот продолжи.

Авионот на Владата на Србија во кој се наоѓаше претседателот на Србија, Александар Вучиќ, полета од Баку за Москва околу 14:10 часот по српско време.

Во изминатите неколку дена аеродромите во неколку руски градови беа затворени поради напади на украински беспилотни летала.

Помошникот на претседателот на Русија, Јуриј Ушаков, вчера изјави дека рускиот претседател Владимир Путин на 9 мај ќе има билатерални разговори со српскиот претседател Александар Вучиќ.

На 9 мај во Москва со Парадата на победата ќе се одбележи 80-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна, а претседателот Вучиќ претходно најави дека и покрај сите притисоци ќе оди во Москва да го прослави Денот на победата и дека гордо ќе ја претставува Србија на 80-годишнината од победата над фашизмот.