Анализа на повеќе од 19 милијарди протечени лозинки открива дека повторната употреба на слаби лозинки и понатаму е масовна и загрижувачки присутна. Лозинки како „123456“ и натаму доминираат, а дури 94% од лозинките се повторно искористени или се користат на повеќе различни онлајн сметки.
Неколку големи инциденти во изминатата година доведоа до тоа милијарди лозинки и лични податоци да завршат во рацете на сајбер-криминалци.
Истражувачкиот тим на "Cybernews" спроведе сеопфатна студија за протечените лозинки и трендовите во креирањето лозинки во 2025 година.
„Се соочуваме со широко распространета епидемија на повторна употреба на слаби лозинки. Само 6% од лозинките се уникатни. За повеќето корисници, безбедноста се потпира на двофакторска автентикација – ако воопшто е вклучена“, се наведува во извештајот на "Cybernews".
И покрај постојаните напори за едукација на корисниците за создавање безбедни лозинки, речиси и да нема напредок со децении – што укажува на итна потреба од побрза примена на побезбедни методи за автентикација.
Најголемиот дел од луѓето користат лозинки со должина од 8 до 10 карактери (42%), што се совпаѓа со фактот дека многу системи не дозволуваат пократки лозинки. Речиси третина (27%) од анализираните лозинки содржат само мали букви и броеви. Околу 20% од уникатните лозинки содржат комбинација од мали и големи букви и броеви, но без специјални знаци. Изненадувачки, вулгарни или навредливи зборови често се дел од лозинките. Стандардни и „мрзеливи“ лозинки како „password“, „admin“ и „123456“ и понатаму се меѓу најчесто користените.
Анализираниот сет на податоци вклучува лозинки што протекле во околу 200 инциденти во период од 12 месеци, почнувајќи од април 2024 година – вкупно 19.030.305.929 лозинки. Само 1.143.815.266 (6%) се уникатни.
Истражувачите предупредуваат дека сајбер-криминалците со добиените лозинки можат да дојдат и до други чувствителни информации, како што се email адреси и лични податоци.
Лозинката „1234“ сочинува дури 4% од сите протечени лозинки – над 727 милиони лозинки го користат овој едноставен низ. Лозинката „123456“ се појавува 338 милиони пати, додека „password“ и „123456“ се меѓу најчестите лозинки уште од 2011 година.
„Проблемот со ’стандардната лозинка‘ сè уште е еден од најопасните обрасци во протечените податоци“, предупредуваат истражувачите. Лозинки како „password“ (56 милиони) и „admin“ (53 милиони) откриваат дека корисниците во огромна мера се потпираат на едноставни и предвидливи лозинки – што хакерите одамна го знаат и го искористуваат.
Многу уреди доаѓаат со фабрички поставки, како рутери со „admin/admin“ или телефони со PIN „1234“, кои корисниците или никогаш не ги менуваат, или пак ги користат и на други уреди.
Имињата на луѓе се втората најчеста компонента во лозинките. Лозинки со името Ана биле најпопуларни – ова име е дел од речиси 1% од лозинките, односно 178,8 милиони. Името се појавува и во други чести зборови, како „banana“ (во 3,7 милиони лозинки).
Многу корисници избираат позитивни зборови во своите лозинки – "love" (87 милиони), "sun" (34 милиони), "dream" (6,1 милион), "happiness" (6,9 милиони) и "freedom" (2 милиона) се меѓу најчестите, сите на англиски јазик.
Најчесто користените термини од поп-културата вклучуваат "Mario" (9,6 милиони), "Joker" (3,1 милион), "Batman" (3,9 милиони), "Thor" (6,2 милиони) и "Elsa" (2,9 милиони).
Други често користени зборови се имиња на земји, градови, храна, брендови, природа, животни и сезони или месеци. Најпопуларен град е Рим (13 милиони), „lion“ (лав) се појавува во 9,8 милиони лозинки, а „fox“ (лисица) во 7,8 милиони. „Summer“ (лето) е најпопуларна сезона, а омилени денови и месеци се понеделник (0,8 милиони), мај (28 милиони) и април (5,2 милиони).
Корисниците често се инспирираат од храна – пица, чај, јаболко, ориз и портокал се чести избори.
Имиња на технолошки компании како "Google", "Facebook" и "Kia" се дел од милиони лозинки.
Речиси 24 милиони корисници веруваат дека зборот „god“ (бог) ќе ја направи нивната лозинка посигурна, а 20 милиони пак избрале „hell“ (пекол).