За разлика од конкурентите како "BMW" и "Audi", "Porsche" не инвестираше во модели прилагодени за кинескиот пазар, ниту пак има намера да ги намали цените на своите возила. Тоа би можело да резултира со драстичен чекор: компанијата размислува целосно да престане со продажба на електрични модели во Кина веќе во наредните две до три години, изјави извршниот директор Оливер Блуме за време на авто-салонот во Шангај.
Продажбата на "Porsche" возила во Кина падна за 28% во 2024 година, а во првите три месеци од 2025, падот изнесува дури 42%.
Главната причина? Поевтини и технолошки напредни електрични возила од кинески производители, како што е "Xiaomi SU7 Ultra", кој нуди 1.548 коњски сили за половина од цената на "Taycan", пишува "Motor1. com".
И додека "BMW" и "Audi" се обидуваат да се прилагодат со специјални модели и ценовни корекции, "Porsche" останува доследен на својот луксузен имиџ и одбива да прави компромиси. Блуме тврди дека "Xiaomi" не е „вистинска конкуренција“ бидејќи „не може да се мери со "Porsche" возачкото искуство“, но бројките го демантираат.
Сепак, во земја каде домашните брендови доминираат во "EV"-сегментот, се поставува прашањето: дали уште има простор за западни премиум марки кои одбиваат да се адаптираат?
Дали Porsche навистина ќе го повлече "Taycan" и идните електрични модели од Кина – останува да се види. Но едно е сигурно: трката со кинеските технолошки гиганти станува речиси невозможна мисија.