Низ историјата, цела низа астронаутски ритуали биле создавани со цел да се опушти екипажот пред вселенскиот подвиг, а еден од најбизарните и најнеобичните е мокрењето врз гума од автобус, што е правило за сите руски астронаути.
Замислете дека сте астронаут и дека треба наскоро да заминете во вселената од космодромот Бајконур во Казахстан. Конечно пристигнал денот за лансирање, облечени сте и подготвени да се упатите кон лансирната рампа. Ако сте американски астронаут кој полетува од Соединетите Американски Држави (САД), би играле покер или би дремнале пред летот.
Меѓутоа, ако сте руски астронаут или дури и Американец, или пак од некоја европска земја, а ќе полетате од руски космодром, ќе ве пречека долг список на ритуали, од кои еден е во најмала рака автентичен.
Значи, откако астронаутите ќе ја поминат последната ноќ на Земјата во рускиот хотел Космонаут и ќе се потпишат на вратата од собата каде што спиеле, на излезот ги чека автобус кој ќе ги однесе до ракетата. Според протоколот на 20 минути од космодромот, автобусот застанува повикувајќи ги сите астронаути да излезат и да уринираат врз автобуската гума.
Италијанскиот астронаут Лука Пармитано за оваа традиција рекол: „Малку е незгодно, но сите сакаме да зборуваме за тоа. Постои уште од првиот вселенски лет. На околу еден километар од ракетата, застануваме, излегуваме и одиме на десната страна од автобусот.“
Меѓутоа, како дошло до овој ритуал? Овој ритуал првпат го извршил прославениот советски космонаут Јуриј Гагарин за време на неговиот прв вселенски лет во 1961 година, а тогаш не ни сонувал дека ќе стане ритуал за секој што ќе се впушти во вселенска одисеја од космодромот Бајконур.
Имено, на 12 април 1961 година, на патот кон ракетата, Гагарин почувствувал потреба да уринира среде возењето кон неговата ракета. Знаејќи дека неговиот вселенски костум наскоро ќе биде закопчан и дека следната шанса за уринира ќе ја има дури по неколку часа, тој решил да го запре автобусот и да ги повика сите машки членови на екипажот.
Откако се „олесниле“ на предната десна гума од автобусот, Гагарин и сите членови на екипажот влегле во автобусот, а подоцна Гагарин влегол во ракетата Восток 1, но и во историјата.
Од тој ден, тоа е еден од централните ритуали што мора да ги почитува секој што оди во вселената од рускиот космодром Бајконур. Треба да се истакне дека женските членови на екипажот се ослободени од овој ритуал, иако ова е само еден во серијата ритуали во деновите пред полетувањето во вселената.
Меѓутоа, иако се ослободени од учество во ритуалот на мокрење, доколку сакаат женските астронаути можат да донесат шише со сопствена урина за да ја истурат врз гумата.
„Ова можеби изгледа како традиција, но всушност, ако знаете дека ќе бидете заклучени во ракета, неспособни да станете од вашето седиште неколку часа, тоа е само здрав разум“, напишал пензионираниот астронаут Крис Хадфилд во својата книга „Astronaut’s Guide to Life on Earth“.