Тужби до работодавците може да поднесат сите работници кои со мартовската плата не добиле покачување од 12,6 % колку што предвидува Општиот колективен договор. За оваа можност, која им стои на располагање на работниците, денес зборуваше претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов.
Тој укажа дека право на тужби имаат сите работници кои се потписници на договорите, а не добиле околу 4.000 денари повисока плата за март. Такви се вработените во образованието, кои, место 12,6 %, добија 7 % покачување, вработените во здравството, на кои им беше ветувано 5 % зголемување на платите со онаа од март, но сè уште го немаат добиено и тоа мало покачување место покачување од 12,6 % и сите вработени во јавниот сектор што не добиле плата за март во согласност со Општиот колективен договор, односно не им е зголемена 12,6 %, туку им е зголемена само линеарно за износот на усогласувањето на минималната плата за речиси 1.800 денари.
„Работниците имаат право врз основа на колективните договори потпишани од синдикатите, пред сè, од ССМ и со гранските синдикати, а кое може да го користат во наредниот период, за тужби. Иако обезбедуваме бесплатна правна помош за сите работници, нам нè загрижува тоа што некој свесно сака да предизвика крах на јавниот буџет преку тужбите од страна на адвокатски канцеларии, адвокати. Според адвокатските тарифи, тие би зеле огромни адвокатски трошоци на сметка на една месечна плата на еден работник. Во пракса, доколку на работникот не му е исплатена плата за 12,6 % покачена или не добил приближно 4.000 денари за еден месец зголемување на платата предвидено со Општиот колективен договор, адвокатските трошоци до последната инстанција изнесуваат речиси 60.000 денари. Адвокатите ќе земат десетпати повеќе од она што им следува на работниците“, рече Трендафилов.
Отворена можност за работниците да поднесуваат тужби Трендафилов потсети дека имаше во 2008 година во Министерството за внатрешни работи.
„Тогаш министрите трчаа во полициските станици да ги спречат работниците да не тужат за тогашниот 10 % додаток на нивните плати. Она што е клучно, и денеска вработените во Министерството за внатрешни работи, наместо 12,6 % зголемени плати, добија 10 % и се остава простор некој од вработените да тужи за 2,6 % во согласност со Општиот колективен договор. Најчесто тужат оние што први се пензионираат и потоа создаваат пракса. Меѓутоа, загрижува тоа што изминатите денови, особено преку медиумите и преку некои други наши канали, слушаме дека ќе се прави притисок врз судството да се создаде судска пракса преку која ќе се отфрлаат тужбите за барањата за зголемувањата на платите во согласност со колективните договори. На таков начин ќе се обидат да го стивнат овој процес“, вели Трендафилов.
ССМ апелира да се почитуваат законските обврски и платите да одат во џебовите на работниците, кои ги заслужуваат и кои ги одработуваат, а не во џебовите на адвокатските канцеларии, адвокатите или во судовите и во државната каса за судски такси.