Две млади Германки биле во посета на САД – Завршиле в затвор бидејќи немале резервирано сместување за целокупниот, планиран престој

Точка

21/04/2025

20:01

2.780

Големина на фонт

а а а

Две германски тинејџерки кои планирале туристички да ги истражат САД завршиле в затвор, а потоа биле депортирани откако американската царина и гранична служба (ЦБП) го прогласила за сомнително нивното непрецизно испланирано патување, пишува „The New York Post“.

Шарлот Пол (19) и Марија Лепере (18) по завршувањето на средното училиште, пристигнале во Хонолулу, Хаваи, на 18 март, со планови да патуваат по островите пет недели, а потоа да продолжат во Калифорнија и Костарика пишува германскиот портал „Ostsee Zeitung“.


Сепак, девојките направиле грешка што не резервирале сместување за целиот престој на Хаваите, што било доволно за американската гранична патрола да се посомнева и покрај тоа што и двете имале одобрение за патување преку електронскиот систем „ESTA“.

„Им бевме сомнителни бидејќи не резервиравме сместување за сите пет недели“

„Им беше сомнително што не резервиравме сместување за сите пет недели на Хаваите“, изјави Пол за „Ostsee Zeitung“. Она што требало да биде забавно и долго патување брзо се претворило во кошмар. Тинејџерите изјавиле за „Ostsee Zeitung“ дека со часови биле испрашувани на аеродромот во Хонолулу, по што им било скенирано целото тело и биле претресувани.


Потоа им биле дадени зелени затворски униформи и биле сместени во притворска ќелија со лица кои биле таму подолго време, а меѓу нив, според нивните тврдења, имало и обвинети за тешки кривични дела.

Младите патнички рекле дека спиеле на тенки, мувлосани душеци и биле предупредени од стражарите да не јадат храна со изминат рок. Следното утро им било кажано дека ќе бидат депортирани и вратени на аеродромот во Хонолулу, каде што побарале наместо тоа да бидат испратени во Јапонија.

„ESTA“ не гарантира автоматски влез во земјата

Германското МНР потврди за „Ostsee Zeitung“ дека било вклучено во случајот на Шарлот Пол и Мари Лепер и дека им пружило конзуларна помош по нивното трауматично искуство.

Министерството исто така потенцирало дека она што им се случило на овие девојки треба да послужи како потсетник за патниците дека „ESTA“, која им овозможува на граѓаните на одредени земји да влезат во САД без виза за краток престој, не гарантира автоматски влез во земјата.


Одлуката да се дозволи влез во САД секогаш ја донесуваат агентите на американската царина и гранична служба (CBP) по сопствена процена. Во изминатите неколку месеци бил забележан значителен пад на бројот на европски туристи кои патуваат во САД, и покрај напорите на американскиот државен секретар Марко Рубио да ги смири загрижените странски посетители.

Ова не е прв ваков случај

„Би рекол дека ако не доаѓате во САД за да учествувате на протест за поддршка на Хамас или да нѝ кажувате дека Хамас е во право или да предизвикувате конфликти на кампусите, да поттикнувате немири на улиците и да ги уништите нашите универзитети, тогаш немате за што да се грижите“, рекол Марко Рубио претходно овој месец.


Германските патнички не се единствените странци кои биле приведени и депортирани при обидот да влезат во САД во последните месеци. Во март, поранешната канадска актерка Јасмин Муни изјавила дека била приведена на јужната граница од страна на американската служба за имиграција и царина (ICE) додека се обидувала да добие работна виза, откако претходната ѝ била укината во ноември.

Муни (35) тврди дека била приведена на 3 март на граничниот премин Сан Исидро меѓу Мексико и Сан Диего и била држена во нехумани услови 12 дена пред да биде ослободена.