Таравари сфатил дека позициите на Албанците во власта се понижувачки, вели Ахмети

Нетпрес

20/04/2025

09:03

1.085

Големина на фонт

а а а

Оттапувањето на делот од партијата Алијанса на Албанците кое го води Арбен Таравари од другите партии во коалицијата „Вреди“ , не е поради одлуката за самостоен настап на локалните избори, тврди лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Според Схмети,наводно постоела друга причина поврзана со учеството на ВЛЕН во Владата, пренесува ТВ 21.

„Со ангажманот на политичките партии на ’Вреди’ во извршната власт, тие направија девалвација и ги понижија Албанците во Македонија. Континуирано ги повикувавме да ги напуштат институциите за да не станат дел од понижувањето. За да не бидат дел од девалвацијата на Албанците. Што побрзо тоа го сфатат сите, како што изгледа од сите извештаи кои стигнуваат до мене, Таравари сфатил дека позициите на Албанците во Македонија се понижувачки, само како слуга и тоа што им кажува агата тоа го прават. Се надевам дека и другите ќе сфатат“, кажа Ахмети.

Ахмети потврди и дека имале телефонски разговор со Таравари, но не откри детали за што разговарале.

„Како што изјави господинот Таравари, имав краток телефонски разговор и ништо повеќе“, уверува Ахмети иако ден претходно самиот Таравари за весникот Лајм изјави дека нивниот разговор траел 40 минути и оти неговата партија одржува „канали на комуникација“ со ДУИ.

Одлуката на крилото на Таравари на Алијанса за Албанците што го предводи тој на локалните избори да оди со свои советнички листи беше причина да се состанат лидерите и високи функционери на коалицијата ВЛЕН, а по состанокот рекоа дека одлуката на АА е донесена во интерес на ДУИ, чија суштина јавноста многу бргу ќе ја разбере.

Како што посочи Изет Меџити, ВЛЕН не го исклучила Таравари од коалицијата, туку тој се самоисклучил. Според него, ваквата одлука на актуелниот министер за здравство претставува проблем и за Владата, но засега нема одговор дали ќе бараат негово разрешување од министерската функција.