Меџити: Вреди ќе се менува, платформата станува партија

Макфакс

20/04/2025

13:28

410

Големина на фонт

а а а

Од платформата Вреди наскоро ќе произлезе нова политичка партија, која ќе настапи обединето на претстојните локални избори. Како што најави вицепремиерот и лидер на Демократско движење, Изет Меџити, процедурите за формирање на новиот политички субјект ќе започнат веќе следната недела.

„Граѓаните испраќаат јасна порака – сакаат единствена, организирана и координирана понуда. Јавно велам: не е важно кој ќе биде претседател, важно е идејата да успее. Целта ни е обединување пред локалните избори“, изјави Меџити во емисијата „ПодГо“ на Телеграфи Македонија.

Според него, новата партија ќе има заеднички штаб, информативен центар, програма и листи за советници, додека кандидатите за градоначалници сè уште не се дефинирани. Меџити додава дека не гледа проблем во тоа што името на партијата и нејзиниот лидер сè уште не се познати, бидејќи „најважна е суштината, а не формата“.

Во меѓувреме, одлуката на Алијансата за Албанците да настапи со свои листи за советници на локалните избори предизвика тензии во рамките на коалицијата. Претседателот на партијата, Арбен Таравари, изјави дека одлуката не значи напуштање на Вреди и дека остануваат дел од Владата.

Сепак, Меџити смета дека оваа постапка оди во прилог на нивниот заеднички политички противник.

„Оваа одлука е во интерес на ДУИ. Верувам дека јавноста бргу ќе ја препознае суштината на ваквиот потег. Ние никого не сме исклучиле – тој сам се дистанцираше“, порача Меџити.

Тој додаде дека ова отвора и прашање за стабилноста на владината коалиција, но засега не е донесена одлука дали ќе се бара разрешување на Таравари од министерската функција во здравство.