Многумина од нас чувствуваат пад на енергијата после јадење, но во некои случаи тоа може да биде вистинска причина за загриженост.
Во медицината, овој феномен е познат како постпрандијална сомноленција или замор после оброк.
Може да предизвика поспаност, ниска енергија, тешкотии со концентрацијата и недостаток на фокус.
Иако ова обично не е причина за загриженост, нутриционистката Фиона Хантер објаснила дека оваа појава е доста честа, како и дека во одредени случаи треба да посетите општ лекар, пренесе Би-би-си.
Неколку теории
„Точната причина не е целосно позната, но постојат неколку теории. Една од нив е дека тоа е природен одговор на телото на дигестивниот процес. После јадење, телото го пренасочува протокот на крв во дигестивниот систем, а ова привремено поместување на крвта од мозокот може да предизвика чувство на замор и тромост“, рекла таа.
Друго можно објаснување е дека ние сме еволутивно програмирани да се чувствуваме поспани после јадење.
„Во праисторијата, откако нашите предци ловеле и јаделе храна, настапувал период на одмор и сон, па овој феномен би можел да биде еволутивен остаток од тоа“, додаде нутриционистот.
Таа нагласила дека благиот замор после оброк е сосема нормален, но прекумерниот замор може да биде знак за скриен здравствен проблем.
Дијабетес или преддијабетес – Овие состојби може да предизвикаат флуктуирање на нивото на шеќер во крвта после јадење, што може да доведе до замор.
Нетолеранција на храна или алергии – Може да предизвика замор и други симптоми по консумирање одредена храна. Водењето дневник за храна може да помогне да се идентификува проблематичната храна.
Анемија – Недостатокот на железо или витамин Б12 може да придонесе за постојано чувство на исцрпеност.
Хормоналните нарушувања, како што е хипотироидизмот, може да влијаат на нивото на енергија и метаболизмот.
Ако постојано се чувствувате исцрпено после оброк, консултирајте се со вашиот општ лекар или регистриран диететичар. Тие можат да ви помогнат да ги откриете можните здравствени проблеми и да ви дадат персонализиран совет за оптимизирање на исхраната и одржување на стабилно ниво на енергија.
Според нутриционистката, одредени хранливи материи во храната можат да ја зголемат веројатноста за поспаност. Ова вклучува оброци богати со шеќер и рафинирани јаглехидрати како бел леб, бел ориз, тестенини, колачи, како и протеини богати со триптофан – како мисирка, пилешко, јајца, сирење, риба, јаткасти плодови и семки.