Дваесет и еден хуманоиден робот им се придружи на илјадници учесници на полумаратонот Јижуанг во Пекинг, Кина — првпат во историјата машини да се натпреваруваат со луѓе на трка долга 21 километар.
Роботите, развиени од кинески компании како "DroidVP" и "Noetix Robotics", беа во различни форми и големини — некои пониски од 120 сантиметри, други високи и до 180 сантиметри. Една компанија се пофали дека нејзиниот робот речиси целосно наликува на човек, со женствени црти и способност да намигнува и се насмевнува. Роботите беа тестирани со недели пред трката. Пекиншките власти го опишаа настанот како „трка на автомобили“ поради присуството на инженерски и навигациски тимови.
„Роботите трчаат многу добро, многу стабилно. Имам чувство дека сведочиме на еволуцијата на роботиката и вештачката интелигенција“, рече еден од гледачите, Хе Сишу. Роботите беа следени од човечки инструктори, а некои од нив мораа и физички да им помагаат на машините за време на трката. Некои од роботите носеа патики за трчање, еден имаше боксерски ракавици, а друг црвена лента со натпис „Сигурно победувам“ на кинески.
Човекот сепак победи
Победничкиот робот беше "Tiangong Ultra" од Иновацискиот центар за хуманоидна роботика во Пекинг, кој ја заврши трката за 2 часа и 40 минути. Кај луѓето, победникот ја заврши трката за само еден час и две минути.
Некои роботи, како "Tiangong Ultra", успешно ја завршија трката, но други имаа проблеми уште на самиот старт. Еден робот падна на стартната линија и неколку минути остана на земја пред да стане и да продолжи. Друг се судри со ограда по само неколку метри.
Иако хуманоидни роботи се имаат појавено на маратонски трки во Кина и претходно, ова е првпат тие директно да се натпреваруваат со луѓе. Кина се надева дека со инвестиции во индустрии како роботиката ќе создаде нови двигатели на економскиот раст. Сепак, некои аналитичари се скептични дека учеството на роботи во маратони е вистински индикатор за нивниот индустриски потенцијал.
„Интересно, но не многу корисно“
Алан Ферн, професор по компјутерски науки, вештачка интелигенција и роботика на Универзитетот во Орегон, вели дека, спротивно на тврдењата на пекиншките официјални лица дека овие трки претставуваат технолошки пробив, софтверот за трчање на хуманоидни роботи е развиен и демонстриран уште пред повеќе од пет години. „Кинеските компании се фокусираат на демонстрација на одење, трчање, танцување и други моторички способности.“
„Во суштина, тоа се интересни демонстрации, но не покажуваат многу во однос на корисна работа или некоја основна интелигенција“, изјави Ферн.
Танг, еден од директорите на Иновацискиот центар, додаде: „Нашиот фокус во иднина ќе биде индустриската примена на хуманоидните роботи — за тие навистина да влезат во фабриките, бизнис-средините и на крајот — во домовите.“