Родителството никогаш не било лесна задача и можеби затоа сè повеќе луѓе шетаат кучиња наместо да туркаат колички.
Новата студија го потврди она на што се сомневало веќе некое време. Постои корелација помеѓу зголемувањето на бројот на кучиња во домаќинствата и намалувањето на наталитетот. Накратко, многу парови сè повеќе избираат кучиња наместо деца.
„Само една страна од приказната“
Научниците од Универзитетот „Етвош Лоранд“ во Унгарија истакнуваат дека причината не е само тоа што родителството е „потешко“.
Професорот Адам Миклоси Кубињи објаснил дека некои истражувања покажуваат дека сопствениците на кучиња често имаат понегативен став за мајчинството, а жените кои веќе имаат куче го доживуваат родителството како дополнителен товар, што може да ги обесхрабри да имаат повеќе деца.
Но, како што рекол, тоа е само едната страна на медалот. Тој додал дека бројот на кучиња во САД е зголемен за дури 37 милиони од 1996 година, што е значително повеќе од зголемувањето на бројот на деца во истиот период.
Исто така и Австралијците се „луди“ по домашни миленици. Според податоците кои ги објави „RSPCA“ во 2023 година, во Австралија живеат околу 28,7 милиони домашни миленици – најчесто кучиња, кои се присутни во дури 48 отсто од домаќинствата. Додека австралиските семејства во просек трошат речиси 2.000 евра по куче годишно.
Ги сакаме кучињата и повеќе од бебињата?
Па, дали навистина сме толку вљубени во кучињата што ги избираме наместо децата? Кубињи рекол дека зад оваа појава се крие подлабок проблем, а тоа е сè помалата социјална и семејна поддршка за родителите.
„Во западните општества, луѓето сè повеќе чувствуваат недостаток на грижа и поддршка во семејството, па се обидуваат да го надоместат тоа со кучиња, а веројатно и со мачки“, додал тој.
Токму овој недостаток на чувството за заедништво и исчезнувањето на „селото кое одгледува дете“ ги одвраќа многумина од родителството, смета професорот. Падот на наталитетот, кој ги загрижува владите ширум светот, на тој начин оди рака под рака со зголемувањето на бројот на домашни миленици.
„Мораме да ја зајакнеме социјалната поддршка заснована на семејството и да ја намалиме социјалната изолација. Имањето кучиња е прекрасна работа – особено кога ги зближува луѓето“, истакнал Кубињи.