Соединетите Држави им претставија на сојузниците нацрт-предлог за мировен договор меѓу Русија и Украина, вклучувајќи рамковни услови за прекин на борбите и постепено олеснување на санкциите кон Москва во случај на траен прекин на огнот, пишува Блумберг, повикувајќи се на европски претставници запознаени со планот.
Плановите на САД им беа претставени на европските сојузници и покрај предупредувањето од државниот секретар Марко Рубио, кој утринава рече дека администрацијата на Доналд Трамп е подготвена да „се повлече“ од мировните напори доколку наскоро нема напредок. Но, потпретседателот на Трамп, Џеј-Ди Венс, говорејќи од Рим, рече дека останува „оптимист“ дека војната може да биде доведена до крај.
Според информациите од дипломатските кругови, американскиот план практично би ја замрзнал војната, а териториите под руска окупација би останале под контрола на Москва. Амбициите на Украина за членство во НАТО би биле симнати од масата. Официјалните лица одбија да дадат дополнителни детали, наведувајќи ја доверливата природа на разговорите.
Предлогот беше претставен на вчерашните средби во Париз, а меѓу нив беше и средбата на францускиот претседател Емануел Макрон и американскиот пратеник Стив Виткоф, како и одвоени консултации меѓу Рубио и советниците и преговарачите за национална безбедност од Франција, Германија, Велика Британија и Украина.
Блумберг претходно објави дека американските власти сакаат да постигнат целосен прекин на огнот во рок од неколку недели, а разговорите треба да продолжат следната недела во Лондон.
Еден официјален претставник рече дека предложениот план не е конечен мировен договор и дека европските сојузници нема да ги признаат окупираните територии како руски. Нагласено е и дека разговорите се бесмислени доколку Кремљ не се согласи да ги прекине нападите и дека е клучно на Украина да и се понудат безбедносни гаранции за договорот да има тежина.
Рубио денеска изјави дека безбедносните гаранции се „легитимна потреба“ за Украина, но дека преговорите сè уште не го достигнале тоа ниво на конкретизација. „Секоја суверена држава има право да се брани. Украина има право да склучува билатерални одбранбени договори со различни земји“, рече Рубио.
По телефонскиот разговор со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, портпаролката на Стејт департментот Тами Брус рече дека Трамп и САД „сакаат војната да заврши и сега претставија план за одржлив и траен мир на сите страни“.
Извор запознаен со преговорите наведува дека Украина веќе се согласила на прекин на огнот, а ставот на Киев е дека Русија мора прво да се согласи на прекин на огнот, пред да се разговара за други теми. Украинската делегација во Париз беше задолжена за изработка на механизми за следење на прекинот на огнот и евентуален мировен контингент.
Европските претставници ги оценуваат средбите во Париз како конструктивни и позитивни, нагласувајќи дека тие се обид Европа, во договор со Киев, да покаже поддршка за американските напори и да ја притисне Москва да ја докаже сериозноста на своите намери.
Рубио по напуштањето на Париз рече дека се надева оти Обединетото Кралство, Франција и Германија ќе помогнат „да ги туркаат работите кон решение“, но истакна дека американското трпение е при крај.
„Нема да продолжиме по овој пат со недели и месеци. Треба да знаеме многу брзо, за неколку дена, дали е можен договор во следните неколку недели. Ако е можно – се вклучуваме. Ако не е – имаме други приоритети“, рече Рубио.
Кремљ денеска официјално го објави крајот на 30-дневното примирје за енергетската инфраструктура, а руските напади врз украинските градови продолжуваат. Пред една недела руските сили го нападнаа градот Суми во североисточна Украина со балистички проектили, вклучително и касетни бомби, при што загинаа 35 цивили.
Париските разговори вклучија и француско-британски план за создавање „гарантна сила“ за повоената безбедност на Украина, како и планови за обезбедување трајно и соодветно екипирање на украинската армија. Целта е да и се докаже на американската страна дека Европа сака сериозно да учествува во обезбедувањето мир, но и да ја убеди администрацијата на Трамп да ги поддржи таквите гаранции како безбедносна мрежа.
Но, ублажувањето на санкциите кон Русија додека Москва сè уште контролира големи делови од Украина може да предизвика сериозен отпор меѓу сојузниците на Киев. Укинувањето на европските санкции и одмрзнувањето на имотот бара согласност од сите земји-членки на ЕУ.
Виткоф изјави за Фокс њуз дека клучот за потенцијалниот договор се врти околу „петте територии“, без да елаборира. Русија инсистира на тоа дека секој договор мора да го признае нејзиното воено преземање на територија од 2014 година наваму, вклучувајќи го Крим и големи делови од областите Херсон, Запорожје, Луганск и Доњецк.
Москва исто така го поврзува прекинот на огнот со укинувањето на економските санкции, но и со барањето да се запре испораката на оружје од Запад за Украина. Вчера, украинскиот претседател Володимир Зеленски зборуваше во Киев, остро го критикуваше американскиот пратеник Виткоф за „прифаќањето на рускиот наратив“:
„Нема мандат да се разговара за украинските територии бидејќи овие територии припаѓаат на нашиот народ“, рече Зеленски, додавајќи: „Не разговараме за териториите додека не дојде до примирје. Украинската земја никогаш нема да биде признаена како руска“.