Изминативе денови заедно со тим од Владата и тим од мојот Кабинет, остваривме исклучително квалитетна и успешна посета во Обединетите Арапски Емирати, информира премиерот Христијан Мицкоски.
Тој кажа дека имале средби со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, со стопанските комори од Емиратот Шарџа и Дубаи, како и состаноци со врвни компании како што се Мубадала, ADQ, Масдар, Игл Хилс итн.
„Сето она коешто разговаравме е навистина нешто коешто ќе претставува еден голем чекор напред за македонската економија. Разговаравме за проекти од областа на транспортот, пред сè коридорите 8 и коридорот 10 и отсечката на коридорот 10, 10-д. Потоа, разговаравме за проекти коишто се силно поврзани и тесно поврзани со туризмот. Се разбира тука нашиот македонски, балкански, би рекол светски бисер Охрид. Потоа, Попова Шапка како исклучително силна инвестиција, којашто треба во годините коишто следат да донесе големи економски бенефити за македонските граѓани. Место каде што е потребна голема инвестиција, поради својата местоположба и поради сите оние географски убавини коишто самиот тој ски-центар ги нуди. Се разбира и за тоа разговаравме со нашите пријатели од Обединетите Арапски Емирати“, рече Мицкоски.
На средбите било разговарано за неколку локации во Македонија кои може да се направат лендмарк објекти коишто ќе бидат препознатливи за цела Европа.
Било разговарано и за инвестиции во делот на земјоделието и се разбира енергетиката.
„Како главен приоритет тоа се проектите, односно хидроцентралите на Река Црна, а тоа се Чебрен и Галиште. Потенцијалот во енергетиката, не се ограничи само на инвестирање во хидроцентралите Чебрен и Галиште, туку и на нови соларни панели, нови ветерни турбини, ветерни паркови и така натаму. Навистина, кога би требало да ја оценам оваа наша посета, би ја оценил со највисока оценка, и економски и политички, бидејќи после долго време, не знам од кои причини, стопирање и пауза во односите коишто ги имаме со Обединетите Арапски Емирати, повторно воспоставуваме една ваква блиска, непосредна соработка“, рече премиерот.
Тој потсети и дека е потпишан Меморандум за подлабока економска соработка од страна на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и неговиот хомолог.