Русија има докази дека во објектот во Суми, кој беше погоден од руски ракетен напад, се одржал „состанок“ на украинските воени лидери со нивните западни колеги, изјави денес рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Во интервју за „Комерсант“, Лавров рече дека Русија „има информации за тоа кој бил во објектот што бил погоден во Суми“, пренесе ТАСС.
„Имаше уште една средба\ на украинските воени лидери со нивните западни колеги, кои се преправија дека се платеници или не знам кои. Таму има војници на НАТО и тие беа во директна контрола“, рече Лавров.
Рускиот министер изјави дека „сите знаат“.
„Њујорк тајмс“ неодамна објасни како Американците одиграа одлучувачка улога во нападите врз Русија (од Украина) уште од самиот почеток. Без таа улога, повеќето ракети со долг дострел воопшто немаше да ги напуштат своите бази“, рече Лавров.
Како што претходно денес објави украинската регионална воена администрација во градот Суми, бројот на убиени Украинци во вчерашниот руски напад врз тој град се искачи на 34, а меѓу жртвите има две деца, додека 120 лица се ранети, меѓу кои 15 деца.
Во неделата, руските сили започнаа напад врз центарот на Суми користејќи две балистички ракети, а нападот беше осуден од западните претставници, вклучувајќи ја претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и американскиот претставник Кит Келог.