Заменик-шефот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, го нарече новиот германски канцелар, Фридрих Мерц, нацист поради, како што рече, идејата за напад на Кримскиот мост, пренесуваат светските агенции.
Тој го изрази ова мислење на платформата X.
„Кандидатот за канцелар Фриц Мерц е прогонуван од сеќавањата на неговиот татко кој служел во Вермахтот на Хитлер. Сега Мерц предлага напад на Кримскиот мост. Размисли двапати, нацисту!“ – напиша рускиот политичар.
Претходно, лидерот на германските конзервативци, Фридрих Мерц, кој треба да биде на чело на новата германска влада во мај, дозволи испорака на крстосувачки ракети „Таурус“ во Киев под услов трансферот на ова оружје да биде договорен со партнерите во Европската Унија.
Тој истакна дека украинската армија е во одбранбен режим, но, според него, треба да има способност да ги напаѓа снабдувачките патишта на руските сили. Во овој контекст, тој особено го спомена Кримскиот мост, пишува руската агенција Тасс.
Киев долго време бара од Берлин ракети „Таурус“. Се сметаат за аналогни на британските „Storm sedou“, кои веќе се испорачани во Украина, но дострелот на германско-шведските ракети е поголем.
Како што потсети рускиот претседател Владимир Путин на самитот на Организацијата за колективна безбедност на 28 ноември 2024 година, Москва постојано предупредуваше дека употребата на западно оружје со долг дострел на руска територија би значела директно вклучување на НАТО во конфликтот.