Нов повик за субвенциониран студентски оброк, проширен е опсегот на мерката

Макфакс

14/04/2025

15:42

466

Големина на фонт

а а а

Министерството за образование и наука известува дека направени се измени на Законот за субвенциониран студентски оброк, согласно кои се проширува опсегот на мерката. Отсега работниот статус не е ограничувачки услов за студентите, така што правото ќе можат да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од просечната нето минимална плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и приватните универзитети во државата.

Согласно законските измени, на следниот линк е објавен нов повик за остварување на правото, на кој можат да се пријават сите студенти кои припаѓаат на некоја од категориите согласно проширениот опсег на мерката. Рокот за аплицирање на овој вонреден повик трае од 14 до 16 април. Студентите пак, кои досега го остварувале ова право, немаат обврска да се пријават на повикот, односно продолжуваат со користење на мерката.

Субвенциониран студентски оброк е финансиска поддршка во износ од 140 денари, што студентот ја добива од Министерството за образование и наука за купување приготвена храна. Корисниците имаат право услугата да ја користат од понеделник до сабота во текот на академската година, со исклучок на периодот од 1 јули до 1 октомври, како и за време на државни празници и неработни денови.

Од следниот месец – мај 2025 година, продолжува обврската на МОН за објавување на повици на месечно ниво, од први до петти во месецот, на кои ќе можат да се пријавуваат сите студенти кои претходно не ги исполнувале условите или поради било какви причини не аплицирале и не го оствариле ова право.

Проширувањето на опсегот на мерката е барање на Националното студентско тело.