Албанска мафија го контролира шверцот на дрога во Еквадор: „Ако ги одбиеш, те убиваат“

Точка

09/04/2025

21:16

12.336

Големина на фонт

а а а

Албанска мафија ќе ми се јавеше и ќе ми речеше: „Сакаме да испратиме 500 кг дрога“. Ако не прифатиш, те убиваат. Цезар е член на „Latin Kings“, озлогласена наркобанда во Еквадор. Корумпиран полицаец го регрутирал да работи за албанската мафија, една од најактивните европски мрежи за шверц на кокаин.

Албанската мафија во последните години го проширила своето присуство во Еквадор, привлечена од шверцерските рути низ земјата, а сега контролира голем дел од снабдувањето со кокаин од Јужна Америка кон Европа. „Иако Еквадор не произведува дрога, 70% од светскиот кокаин сега минува низ нашите пристаништа“, вели еквадорскиот претседател Даниел Нобоа.


Дрогата се шверцува од Колумбија и Перу, најголемите светски производители на кокаин. Полицијата вели дека минатата година запленила рекордно количество нелегална дрога, главно кокаин, а тоа укажува на пораст на вкупниот извоз, пишува Би-би-си.

Само во јануари имало 781 убиство

Последиците се смртоносни: во јануари 2025 година биле регистрирани 781 убиство. Тоа бил најсмртоносниот месец во последните години. Многу убиства се поврзани со илегалната трговија со дрога.

Цезар (36) почнал да работи за картелите кога имал 14 години, а како една од причините ги навел лошите можности за вработување: „На Албанците им требаше некој кој решава проблеми. Ги познавав чуварите на пристаништето, возачите, надзорниците на камерите“. Цезар ги поткупува за да „замижат“ и повремено да ги исклучат камерите.


Откако кокаинот ќе пристигне во Еквадор од Колумбија или Перу, се чува во магацини додека албанските работодавци на Цезар не дознаат за бродски контејнер кој ќе тргне кон Европа. Бандите користат три главни методи за шверц на кокаин: криење на дрогата во товарот пред да пристигне на пристаништето, упаѓање во контејнери во пристаништето или прикачување на дрогата на бродови на море.

Понекогаш Цезар заработува и по 3.000 долари за една работа, но поттикот не се само парите: „Ако не ја завршиш работата што ја бараат Албанците, тие ќе те убијат“, потенцирал Цезар. Тој вели дека чувствува одредено каење поради неговата улога во трговијата со дрога, особено за оние што ги нарекува „колатерални жртви“.

Но, тој верува дека вината е во земјите каде што се консумира дрогата. „Ако потрошувачката продолжи да расте, шверцот ќе продолжи. Тоа е незапирливо“, истакнал Цезар.

Овој синџир не вклучува само членови на бандата, туку и обични работници. Хуан е возач на камион. Еден ден презел пратка со туна за транспорт до пристаништето. Тој вели дека нешто му изгледало сомнително.

Две третини од контејнерот бил полн со банани

„Првиот знак за предупредување беше кога стигнавме до магацинот и имаше само товар, ништо друго. Магацинот беше изнајмен, без име на фирма. Два месеци подоцна видов на вести дека во Амстердам биле запленети контејнери полни со дрога“, рекол Хуан.

Некои возачи несвесно превезуваат дрога; други се принудени – ако одбијат, ги убиваат. Еквадор ги привлекува европските банди поради неговата локација, но и поради легалниот извоз што обезбедува практичен начин за скривање на нелегалниот товар.

„Извозот на банани сочинува 66% од контејнерите што го напуштаат Еквадор, 30% од товарот оди во Европската унија, каде потрошувачката на дрога расте“, објаснил претставникот на индустријата за банани Хозе Антонио Идалго.


Некои банди дури основале лажни компании за извоз на овошје во Европа како параван за нелегални активности. Европските шверцери се претставуваат како бизнисмени. Еден неславен пример е Дритан Ѓика, наводниот водач на албанската мафија во Еквадор.

Обвинителите велат дека тој имал удел во компании за извоз на овошје во Еквадор и увозни компании во Европа кои ги користел за шверц на кокаин. Тој сè уште е во бегство, но многумина од неговите соработници биле осудени по мултинационалната полициска операција.

Адвокатката Моника Лузарага го бранела едниот од неговите соработници и сега отворено зборува за нејзините сознанија за начинот на кој функционираат овие мрежи: „Во текот на тие години извозот на банани во Албанија процутел. Целата економија овде стагнираше. Само извозот на банана се зголеми. Јасно е зошто“, рекла таа.


Во еквадорските пристаништа полицијата и армијата се обидуваат да ја контролираат ситуацијата. Чамци патролираат низ водите, полицијата скенира кутии со банани барајќи кокаин, а дури и полициските нуркачи бараат дрога скриена под бродови.

Речиси 300 тони дрога биле запленети во 2024 година

Сите се тешко вооружени, дури и оние кои само ги чуваат кутиите со банани пред да бидат натоварени на контејнерски бродови. Доколку најдат дрога при претрес, веројатно бил вмешан корумпиран пристаништен работник, што може да предизвика насилство.

И покрај овие напори, полицијата вели дека количината на кокаин што успешно се шверцува од Еквадор достигнала рекордно ниво. Тие го обвинуваат растот на побарувачката и економските фактори. Минатата година биле запленети речиси 300 тони дрога, што е нов годишен рекорд.

Мајорот Кристијан Козар Куева од Националната полиција вели дека во последните години имало зголемување за околу 30% на заплените наменети за Европа. Ова зголемување на испораките на кокаин ја направило ситуацијата поопасна за оние кои се дел од синџирот на снабдување.


Возачот на камион Хуан вели дека зголемувањето на „контаминацијата на контејнерите“ го загрижува и го загрозува. Тој вели дека претходниот ден полицајците заплениле контејнер со два тони дрога: „Порано тоа беа килограми, сега зборуваме за тони. Ако не ги „контаминираш“ контејнерите, имаш две опции: да ја напуштиш работата или да завршиш мртов“.

Економијата ослабена од пандемијата поттикнала голем број Еквадорци да им се приклучат на бандите. Земја која била финансиски исцрпена по пандемијата, со безбедносни сили со малку искуство во борбата против организираниот криминал и слабите визни правила им дозволија на европските банди да имаат присуство во земјата по 2020 година.


Моника Лузарага вели дека 2021 година била пресвртна точка за пробивот на албанската мафија. Таа истакнала дека овој период се совпаднал со напливот на албански државјани и наглото зголемување на извозот на банани: „Ова е профитабилен бизнис што му штети на Еквадор и им користи на криминалните организации. Како можеме да прифатиме економија изградена врз страдање?“, изјавила адвокатката.

Овој гнев кон странските картели не е изненадувачки со оглед на нивниот придонес во порастот на насилството. Но, шверцерите и полицијата се согласуваат околу едно нешто: трговијата ја поттикнуваат потрошувачите, особено оние од Европа, САД и Австралија. Податоците на ОН покажуваат дека глобалната потрошувачка на кокаин достигнала рекордно ниво.

Одговорноста е на земјите чиишто граѓани консумираат дрога

Оние кои се борат против овие банди во Еквадор велат дека одговорноста е на земјите чии граѓани се најголеми потрошувачи. Тие треба да ја зајакнат контролата врз оние кои ја финансираат трговијата.

Постојат многу жртви на трговија со дрога. За Хидалго, извозниците на банани се тие кои трпат репутациска и економска штета. За Лузарага, тоа се децата и младите кои биле регрутирани од криминални банди: „Во Европа има граѓани кои се подготвени да платат големи суми за да добијат дрога. Дрогата која на крајот ги одзема животите на еквадорските граѓани“, истакнала Лузарга.


Еквадорскиот претседател Даниел Нобоа, кој се кандидирал за втор мандат на изборите на 13 април, ја прогласил борбата против криминалните банди за главен приоритет и ја распоредил војската со цел сузбивање на насилството поврзано со бандите.

„Она што е забава за една личност веројатно вклучува околу дваесет убиства на патот кон таа забава“, нагласил Нобоа.