[ВИДЕО] Зеленски објави снимка: „Заробивме двајца Кинези кои се бореле на руска страна“

Точка

08/04/2025

20:31

3.002

Големина на фонт

а а а

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека украинските сили заробиле двајца кинески војници во борбите на истокот од земјата. Според него, украинската војска се судрила со вкупно шест кинески војници, од кои двајца завршиле во заробеништво. Исто така, Зеленски додал дека побарал објаснување од Пекинг.

„Имаме информации дека во редовите на окупаторските сили има значително повеќе кинески државјани од овие двајца. Во моментов се обидуваме да ги дознаеме сите релевантни факти“, рекол Зеленски и додал дека заробените мажи со себе имале документи кои можат да го потврдат нивниот идентитет.

Кина е еден од најважните партнери на Русија, а западните земји веќе долго време ја обвинуваат дека ѝ пружа помош на Москва во војната против Украина. Пекинг постојано ги негирал сите обвинувања, тврдејќи дека не испорачува оружје за руските сили.

„Мешањето на Кина во оваа војна, било директно или индиректно, е јасен знак дека Путин не сака да го прекине конфликтот. Напротив, тој бара нови начини за негово продолжување“, рече украинскиот претседател.

Зеленски тврди дека Кина застанала на страната на Русија во нејзината агресија против Украина и истакнал дека очекува реакција од Соединетите Американски Држави.

Украина повикала кинески дипломат на итни разговори

Украинскиот министер за надворешни работи објави дека повикал кинески дипломат во министерството за да побара објаснување. Андриј Сибиха на платформата X напишал дека учеството на кинеските граѓани „како дел од руската инвазиска армија“ ја доведува во прашање официјалната кинеска позиција за залагањето за мир. Тој додаде дека таквото однесување „го поткопува кредибилитетот на Пекинг како одговорен постојан член на Советот за безбедност на Обединетите нации“.

Странски борци од различни националности веќе се приклучиле на руската армија за време на конфликтот, главно мотивирани од ветувањата за големи суми на пари. Меѓутоа, тоа не значи дека нивните матични земји официјално учествуваат во војната.

Северна Кореја, на пример, испратила илјадници свои војници да ја поддржат Русија, тврдат украинските и западните извори. Исто така, Зеленски синоќа за првпат официјално потврдил дека украинските сили се присутни на територијата на руската Белгородска област. „Овие акции се праведни“, рекол тој. „Војната мора да се врати таму од каде што започна“.

Кaква е улогата на Кина во војната?

Од почетокот на руската инвазија врз Украина, Кина се обидува да се прикаже себеси како неутрална сила, но воените аналитичари сè почесто укажуваат дека нејзините постапки го кажуваат спротивното. Според воениот аналитичар Мајкл Кларк, иако Кина директно не учествува во војната, таа игра важна заднинска улога во поддршката на Русија. „Кина купува руска нафта во количини што реално не ѝ се потребни, со што ѝ помага на руската економија и го одржува платниот биланс“, изјавил Кларк.

Покрај тоа, по воведувањето на широките западни санкции, Пекинг станал клучен извор на технологија за Москва, што дополнително ги потврди сомнежите на Западот дека Кина ѝ дава поддршка од сенка на Русија. Поради сето ова, САД и НАТО веќе некое време отворено зборуваат за Кина како соучесник во војната на Русија против Украина.


И покрај ваквата заднина, Кина продолжува да се нуди како посредник во мировните преговори. Таа дури презентирала и сопствен план за завршување на војната, но документот останал нејасен и без конкретни предлози, а повеќето меѓународни набљудувачи веднаш го отфрлиле.

На крајот од минатиот месец, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји бил во Москва, каде што разговарал со неговиот руски колега Сергеј Лавров за можните мировни иницијативи, вклучително и онаа на Доналд Трамп.

Кси Џинпинг и Владимир Путин одржуваат блиски лични односи, а тоа јасно се гледа во соработката меѓу двете земји. Сепак, Кина досега упорно инсистирала на тоа дека не ѝ испратила воена помош на Русија, ниту пак некои борбени единици. Затоа веста за заробување на двајца кинески војници во источна Украина покрена сериозни прашања.

Аналитичар: Ако дошле по налог на Пекинг, тоа е сериозен меѓународен проблем

Кларк рекол дека сè ќе зависи од тоа кои се овие војници и во каква улога дошле на украинското бојно поле. „Ако се работи за поединци кои самите се пријавиле и се борат како платеници, тоа е непријатна ситуација за Кина, но сепак тоа не претставува формален скандал“, објаснил тој.


„Но, ако се покаже дека овие луѓе во Украина се во некоја неофицијална, но сепак државна функција – како советници, инструктори или припадници на специјалните сили – тоа би било крајно сериозно. Кина цело време тврдеше дека не ѝ помага на Русија, а тоа целосно ќе го поткопа ова тврдење“, додал тој.

Исто така Кларк предупредил дека ако зборуваме за припадници на кинеските сили кои дејствуваат по налог на властите, тоа би ја преминало сериозната правна граница и би било крајно срамно за Пекинг. „Тоа би значело дека Кина директно испраќа луѓе да учествуваат во инвазијата на друга, суверена земја. Се разбира, Кина ќе го негира тоа, а Русите ќе тврдат дека Доњецк е дел од Русија, но од правна гледна точка тоа не е точно. Доњецк е меѓународно призната територија на Украина, и тоа уште од 1991 година“, заклучил аналитичарот.