АА на Таравари за уапсениот директор на геријатрија кој е кадар на Алијансата: „Ова е недозволиво, секој кој се огрешил мора да одговара“

Макфакс

08/04/2025

14:17

2.080

Големина на фонт

а а а

Алијансата на Албанците се огласи по апсењето на Мухсин Арифи, директорот на болницата за геријатрија, поради поткуп.

Од партијата на Таравари, чијшто кадар е Арифи, ги повикуваат надлежните државни органи во брза и ефикасна постапка да ги расчистат сите околности поврзани со конкретниот кривично правен настан.

„Секој кој се огрешил пред законите мора да понесе одговорност, без разлика на етничката, верската или политичката припадност. Испораката на правда мора да биде неселективна“, се вели во дописот до медиумите.

Се додава дека Алијансата останува силно посветена на борбата против корупцијата, а албанскиот народ не заслужува да го претставуваат лица кои евентуално се обидуваат нелегално да се збогатат на здравствените маки на граѓаните.


„Ова е недозволиво и надвор од принципите кои ги застапуваме“, децидна е партијата која уверува дека партиските органи ќе ги преземат сите неопходни статутарни чекори за зачувување на угледот.

Во акција на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), приведени се две лица под сомнение за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.