Турција - Доверлив партнер на ЕУ или непресметлива воена сила?

Точка

27/03/2025

20:50

3.445

Големина на фонт

а а а

Европската унија сака да инвестира во безбедноста. Турција се нуди како партнер. Што таа може да им понуди на Европејците? А имајќи ги превид последните тензии во Турција, се поставува и прашањето: дали Анкара навистина е доверлив партнер?, пишува Дојче Веле во новата анализа.

Со оглед на зголемената неизвесност за идната улога на Соединетите Држави како доверлив партнер, земјите од Европската унија се' повеќе се прашуваат себеси како самите можат да се одбранат доколку биде потребно. Веќе биле одржани некои состаноци меѓу лидерите на ЕУ на кои се барал заеднички одговор на ова прашање.

За да ги овозможи потребните инвестиции во одбраната, ЕУ дури ги „олабави“ строгите фискални правила и најави формирање заеднички одбранбен фонд за финансирање заеднички проекти. ЕУ е во фаза на пресврт и сака да инвестира во зајакнувањето на воените капацитети. Како што пренесе германската новинска агенција „dpa“, шефовите на држави и влади на земјите-членки на ЕУ на нивниот неодамнешен пролетен самит одлучиле да направат сè што е потребно за значително зајакнување на одбранбените капацитети на ЕУ во следните пет години.


Во овој контекст и Турција силно се позиционира. Претседателот Реџеп Таип Ердоган неодамна ги истакна амбициите на неговата земја за време на посетата полскиот премиер Доналд Туск на Анкара. Турција сè уште се стреми кон полноправно членство во Европската унија, рече Ердоган, додавајќи дека е убеден во тоа дека ЕУ може да ја спречи „својата сегашна загуба на моќ“ во време на глобални безбедносни предизвици само преку тесна соработка со Турција.

Министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан тоа го формулирал уште појасно: Тој рекол дека новата безбедносна архитектура на Европа без Турција е незамислива. Фидан, познат по неговата блискост со Ердоган, моментално води интензивни дипломатски консултации. За само неколку недели, тој го прими рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Анкара и учествувал на самитот за Украина во Лондон. Пред тоа руски и американски дипломати во Истанбул разговарале за нормализација на билатералните односи.

Воена сила меѓу Европа и Азија

Турција се наоѓа на стратешки поволна локација лоцирана меѓу Европа и Азија. Земјата има значителна воена сила. Според актуелниот извештај на платформата „Global Firepower“, турската армија е на деветтото место на глобалното рангирање на најсилните армии во светот. Зад себе ги остави армиите на земји како Италија, Германија и Израел.

Според таа процена, турските воени сили се составени од околу 884.000 војници. Меѓу нив има 355.200 активни припадници на војската и 380.000 резервисти. Турската воена авијација располага со повеќе од 940 авиони, од кои околу 200 се борбени авиони. Со повеќе од 2.230 борбени тенкови, Турција ја има втората по големина тенковска флота во НАТО, веднаш зад САД (4.640 тенкови). Турската воена морнарица е исто така добро опремена и располага со 13 подморници.


Во текот на изминатите неколку децении, Турција доследно ја следела целта својата воена индустрија да ја направи независна од странски извори. Причината за оваа стратегија беа честите санкции од западните земји, што довело до проблеми со снабдувањето на турската армија. А последицата на овие проблеми беше доцнењето во модернизацијата, одржувањето и производството на сопствени системи за оружје.


Долгорочните инвестиции во истражување и развој, како и зајакнувањето на капацитетите на домашната индустрија за оружје вродија со плод. „Уделот на турските производи во 2002 година беше 20 отсто, а минатата година достигнавме ниво од 80 отсто“, неодамна објави професорот Халук Горгун, директор на државната Агенција за одбранбена индустрија (ССБ). Според него, во оваа индустрија лани биле активни повеќе од 2.400 компании со речиси 100.000 вработени. Турција, како што рекол тој, во 180 земји ширум светот ги извезувала своите беспилотни летала, борбени тенкови, вооружени системи, бродови и друга воена опрема – со обем на извоз од 7,1 милијарди американски долари, и ги надминала своите цели од 2024 година.


Меѓу купувачите на турската воена опрема се бројни африкански земји, земјите од Персискиот Залив, Азија и Европа. Од минатата година, со цел да го зголеми извозот на оружје, Анкара почнала да ги таргетира земјите од Латинска Америка. Таа, исто така, извезува оружје во други земји со кои владеат авторитарни режими или во региони погодени од актуелни конфликти.

Реформи во индустријата за оружје

До крајот на 2024 година, д-р Јенс Бастијан во Фондацијата за наука и политика (SWP) со седиште во Берлин, меѓу другото, се занимавал и со турската политика на вооружување. Тој истакнал колку голема трансформација претрпела земјата, особено за време на владеењето на АКП, исламско-конзервативната партија на претседателот Ердоган. Турција сеопфатно ја реформирала својата индустрија за оружје, финансиски ја реорганизирала и создала систем во кој универзитетите, стартапите и истражувачките центри се поврзуваат со војската, рекол Бастијан.

Како пример тој ја спомнал компанијата Бајкар, која му припаѓа на зетот на Ердоган, Селчук Бајрактар. Како што рече Бастијан, тој постигнал глобален извозен успех со развој на воени и цивилни беспилотни летала. Нивната воена употребливост била успешно тестирана во Украина, Либија, Нагорно-Карабах и неодамна во Сирија.



На почетокот од март, Бајкар потпишал договор со италијанскиот концерн Леонардо, кој произведува оружје. Целта е заеднички развој на дронови. „И Индонезија планира соработка и со Турција за производство на дронови. Тие веќе се произведуваат во Украина“, рекол германскиот експерт.

Неодамна, компанијата „STM“ објави нов деловен успех: добила нарачка од португалската морнарица за изградна на два брода. Ова е прв извоз на турски воени бродови во земја членка на ЕУ или НАТО.

И покрај сите овие успеси, Турција сè уште има одредени слабости во однос на технолошкото производство, особено во однос на микрочиповите и квантната технологија, а тоа се работи што мора да ги увезе од своите НАТО партнери, истакнал Бастијан.

Улогата на СББ

Агенцијата за одбранбена индустрија (СББ) игра клучна улога во процесот Турција да стане извозна сила во секторот на оружје и воена опрема. Од 2018 година, таа е директно подредена на претседателот Ердоган и има пристап до пари од посебен фонд, благодарение на кој може да реализира сеопфатни инвестиции во модернизација и развој на нови технологии за воените сили. Ова резултирало со значителна стапка на раст на турската воена индустрија.

Германскиот економски експерт Бастијан го гледа проширувањето на воената индустрија како средство со кое Анкара ја води својата надворешна и економска политика. Благодарение на успесите во воениот извоз, Турција стана сериозен конкурент, смета тој.

Бастијан смета дека Турција де факто учествува во создавањето на европската безбедносна архитектура. Благодарение на фактот што игра важна улога во миграциската политика, но и во однос на економскиот и политичкиот развој на ситуацијата во Сирија, како и важноста која Анкара ја има во регионот на Источниот Медитеран и Црното Море, земјата успеала да се позиционира како средна голема сила, земја која ЕУ, нејзините НАТО партнери и Кина мораат да ја вклучат во своите стратешки калкулации.


А Ердоган, како што рекол германскиот експерт, од сето тоа може да профитира и на внатрешно-политички план. Водечките политичари на ЕУ неодамна ги намалија своите критики за растечките демократски недостатоци на Турција, истакнал Бастијан. Ова е особено очигледно во актуелните превирања и конфликти околу смената на градоначалникот на Истанбул и апсењето на најсериозниот политички противник на Ердоган, Екрем Имамоглу. „Овој молк го ослабува преостанатиот политички маневарски простор на турските опозициски партии и актерите од граѓанското општество“, рече Бастијан.

Засега не е јасно дали Турција ќе игра улога во градењето на безбедносната архитектура на Европската унија. Според најновите планови на Европската комисија, турските компании би можеле да имаат корист од новиот фонд за оружје на ЕУ „тежок“ 150 милијарди евра, но само доколку Турција потпише договор за безбедносно и одбранбено партнерство со Унијата.