[ВИДЕО] Отец Димитар: Јас не сум херој. Херои се децата кои заминаа, кои спасија животи, кои се повредени

Нетпрес

22/03/2025

21:43

3.921

Големина на фонт

а а а

Јас не сум херој. Херои се децата кои заминаа, херои се децата кои спасија десетици животи, херои се повредените.

Вака отец Димитар одговара на коментарите на социјалните мрежи по видеото кое стана вирално, а во кое со свое обраќање ги смири младите кои по трагедијата во дискотеката „Пулс“, својот револт, гнев, тага и болка ги изразија во Кочани.

- Се распнаа, ги дадоа своите животи за други да живеат, тоа се хероите, вели отец Димитар во разговор со Стефан Лазаров.

Смета дека потребно е да се остане смирен, повикот на црквата е да донесува мир.

- Дај Боже без никакви протести, власта да ги превземе неопходните чекори, еднаш засекогаш да се заврши со сета корупцпија, со сите неправилности, вели отецот кој нагласува дека кажаното во интервјуто е негов личен став и мислење, не на МПЦ.

- Најтешките два дена во моите 39 години беа денот кога се случи несреќата и денот на погребението на дечињата. Колку и да бевме под средства за смирување, смртта за нас е секојдневние, но само да можат луѓето еден ден да се стават во мантијата, да видат како е кога ги редиме пред дупките стапчињата на дечињата (стапчиња со имињата). Ми се чини дека поголема болка немав почувствувано кога мајките читаа и го бараа местото на дечињата. Тоа беше нешто страшно. Мислам дека колку мајки видов, толку пати во срцето ми пукаше, со солзи во очите вели отец Димитар.

Додава дека најтешко е да даваш утеха на некој што не можеш да го утешиш, нагласувајќи дека родителите биле прекрасни. Посочува дека ги посетиле сите родителите на загинатите млади, разговарале со нив и им пружаат утеха, збор од Бога.

Родителите му кажале дека на некој начин биле утешени од словото кое на погребите го кажал Архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан.

Отец Димитар вели дека не постои начин да се прифати загуба.

- Има родители кои добро се носат со тоа, но внатрешната болка е внатрешна болка. Јас можеби две или три од децата не познавав. Буквално најдоброто од градот ни замина. Деца беспрекорни прекрасни, без пороци, убави, интелегентни, културни, вели отецот.

- Христос беше мртов и воскресна, Кочани е мртов и ќе воскресне. Тие млади деца ќе го воскреснат, ние тешко. Целата надеж ми е во младината, вели отец Димитар.