ЕУ ѝ вети 45 милијарди евра на Украина, сега бара дополнителни средства од други држави

Макфакс

14/10/2026

15:00

189

Големина на фонт

а а а

Европската Унија се обидува да обезбеди дополнителни средства за Украина на состаноците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и групата Г7 оваа недела, бидејќи земјата се соочува со недостиг од финансиски средства за 2027 година. Ова го потврди европскиот комесар за економија, Валдис Домбровскис, пренесува „Ројтерс“.

Финансирањето на Украина за 2026 година е обезбедено, а околу 31 милијарда евра од ЕУ чекаат исплата. Услов за исплатата е Киев претходно да ги усвои договорените реформи.

Иако Унијата веќе вети 45 милијарди евра за 2027 година, финансиските потреби на Украина ќе бидат значително поголеми. Затоа ЕУ се обидува да обезбеди дополнителни средства од партнери како Норвешка, Швајцарија, Канада, Јапонија и Велика Британија.

„Ова е една од темите за кои разговараме на состаноците на ММФ и Г7, каде што се обидуваме да мобилизираме поддршка од другите партнери“, изјави Домбровскис на маргините на состанокот во Бангкок.

„Од самиот почеток нагласувавме дека Европската Унија има намера да покрие околу две третини од финансиските потреби на Украина, а од останатите партнери очекуваме да го покријат преостанатиот дел“, додаде тој.

ЕУ планира поголемиот дел од предвидените 45 милијарди евра за следната година да ги исплати однапред, со цел да им даде време на другите партнери да се вклучат во финансирањето. Ситуацијата дополнително ја усложнува фактот што Унијата сè уште го утврдува точниот износ што ќе ѝ биде потребен на Украина во 2027 година.

Домбровскис предупреди и на проблемите со испораката на воената помош.

„Треба да се забележи дека постои разлика меѓу воената помош што одредени членки на НАТО ѝ ја ветија на Украина и она што навистина е испорачано. Намалувањето на таа разлика значително би помогнало во задоволувањето на украинските потреби за воено финансирање“, рече тој.

Како позитивен пример ја посочи Норвешка, која најавила дополнителни девет милијарди евра помош за следната година.

„Норвешка вети дополнителни девет милијарди евра за следната година. Сличен износ обезбеди и годинава, што е навистина значајно“, истакна Домбровскис.

На прашањето дали и другите партнери помагаат, но недоволно, тој одговори:

„Искрено, да.“