Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Лесковац изјави дека „научил лекција“ од протестите во Србија и ќе побара од сите државни органи да реагираат во секое време и на секое место.
„Оние што нема да го направат ова, ќе ги смениме. Полицајците кои не сакаат да го штитат редот и законот ќе бидат разрешени, како и обвинителите кои не сакаат да ги штитат редот и законот“, им рече Вучиќ на граѓаните во Народниот театар во Лесковац.
Тој повторно тврдеше дека актуелните настани се резултат на „обоена револуција“.
Демонстрантите се собраа во близина на театарот за да протестираат поради посетата на Вучиќ на Лесковац. Полициски кордон ги запре на пат кон театарот, а толпата скандираше „оди лечи се, ти си болен“ и „пумпа, пумпај“.
Протестите во Србија траат од ноември 2024 година, по уривањето на настрешница на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 15 лица, што предизвика бран на незадоволство поради наводната корупција и лошо извршените градежни работи.
Протестите прераснаа во масовно движење против корупцијата, обединувајќи студенти, професори, земјоделци и други работници. И покрај оставката на премиерот Милош Вучевиќ и другите министри, демонстрантите продолжуваат да бараат одговорност и правда за жртвите, како и поголеми инвестиции во високото образование.
Протестите ескалираа откако 19-годишниот Вукашин Црнчевиќ почина во болница, станувајќи 16-та жртва од уривањето на настрешницата.