„Дурмо турс“ во чиј автобус загинаа 14 патници пак работи „на диво“, полицијата казнуваше превозници

Макфакс

23/03/2025

13:30

7.221

Големина на фонт

а а а

Од 138 контроли за вршење превоз на патници и стоки кои во претходните три дена ги направиле инспектори за патен сообраќај, неправилности се утврдени кај 21 правно и физичко лице и им се изречени соодветни казни. Меѓу казнетите е и компанијата Дурмо турс во чиј автобус на 13 февруари 2019 загинаа 14 лица. Но и покрај тешката сообраќајка со многу жртви, оваа компанија пак работи без соодветната документација.

Министерство за транспорт – Државен инспекторат за транспорт денеска информира дека инспекциските надзори биле спроведени  согласно нивниот Акциски план и дека за утврдените неправилности ќе бидат информирани Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство, со цел нивно натамошно постапување.



Инспекторатот ги соопшти 11-те правни лица за кои е констатирана неправилност и за кои се изречени казни: Дурмо турс од Гостивар, Дени интернационал од Илинден, Свис мак алигега од Гостивар, Зем промет – компани од Сарај, Словин Билјана од Охрид, Бис од Охрид, Пештер ДОО од Чаир,  Димитриоски од Гази Баба, Хисари-ГД од Дебар, Инком бизнис од Куманово и Палас експорт-импорт од Гостивар.

Покрај овие 11 правни лица, биле констатирани и неправилности кај 10 физички лица кои вршат дејности за превоз на патници и стока.

Министерство за транспорт – Државен инспекторат за транспорт информира дека согласно донесениот Акциски план за инспекциски надзори при превоз на патници и стока, од утре инспектори ќе спроведуваат секојдневни интензивни инспекциски контроли над превоз на патници и стока, проверка на документи (лиценци, изводи од лиценци, дозволи, сертификати за професионална компетентност на возач, тахографи), надзор на безбедноста во сообраќајот и спречување нелегален превоз.