Митева за Кочани: Да преземеме итни чекори за да ги спречиме идните трагедии од ваков карактер

Макфакс

22/03/2025

19:35

798

Големина на фонт

а а а

Нашиот приоритет сега е двоен, да ја завршиме институционалната работа со целосен интегритет и да преземеме итни чекори за да ги спречиме идните трагедии од ваков карактер. Во координација со сите надлежни органи ги зајакнуваме безбедносните мерки, ги подобруваме протоколите и ги решаваме сите идентификувани неправилности. Одговорноста не завршува со зборови, туку со акција.

Ова го порача денеска портпаролката на Владата, Марија Митева на редовната прес-конференција за активностите на институциите по трагедијата со пожарот во Кочани.

Митева соопшти дека затворени се два објекти кои не ја почитувале одлуката на Владата за денови на жалост поради трагедијата, при вонредните контроли што ги спровел Државниот пазарен инспекторат, за што претходно информираше и Министерството за внатрешни работи.

Посочи дека продолжуваат и активностите за контрола на сите објекти со и без лиценца. Дополнително ќе бидат објавени информации затоа што, како што рече, анализите се обемни, а проверките темелни со цел да утврдиме дали секој еден објект ги исполнува минимално техничките услови.

И досега направените контроли на Министерството за транспорт, како што рече, утврдија голем број на лиценци што ќе бидат одземени со решение и тоа кај 100-ина од нив затоа што по издавањето на лиценцата правните лица престанале да ги исполнуваат законските услови за кои претходно им била дадена.

– Во ова Министерство во текот на вчерашниот но и во текот на денешниов ден контролите продолжуваат и до крајот на денот очекуваме нов пресек до детални информации за сите направени контроли на овој тип на лиценци, најави Митева.

На новинарско прашање дали по контролите за кои вчера информираше Владата во кои е утврдено дека од 23 објекти со лиценци 13 не ги исполнуваат условите е побарана одговорност од актуелниот директор на Државниот пазарен инспекторат и министерот за економија, Митева потенцираше дека во овој момент Владата работи на проверка и преземање на сите активности кои се во насока на утврдување на актуелната состојба во однос на лиценците што се издавале минатите години, кои објекти имале или немале, а работеле.

– Мораме да ја скенираме состојбата на терен, тимовите се составени од сите надлежни институции кои можат да помогат. Кажавме дека истрагата е опсежна и дека апсолутно секој кој постапил спротивно на законот ќе биде одговорен. Во овој момент сите податоци со кои располагаме е дека сите надлежни институции работат на терен активно да проверат каква е актуелната состојба, рече Митева.

Во однос на најавите за собири и маршови на граѓаните, порача дека ќе се почитува секое такво демократско право и повика на разум и на доверба во институциите.

– Ревносно се справуваме со сите состојби и ќе продолжиме да се справуваме, наведе Митева.