Француските министри Бруно Ретајло и Жералд Дарманин ја опишале Франција како „игралиште“ за дилерите на дрога со оглед на порастот на криминалот поврзан со дрога во последните години.
Сега сакаат да преземат конкретни чекори за решавање на проблемот, пренесе Политико.
Француското Национално собрание оваа недела ќе расправа за нацрт-законот кој има поддршка од сите политички партии, а неговата цел, како што вели самиот закон, е „да стави крај на стапицата на трговијата со дрога“.
Предлог-законот вклучува мерки што ќе им овозможат на судските службеници да имаат поголемо влијание во борбата против шверцерите на дрога и нивните мрежи, вклучително и создавање на специјално обвинителство, како она што беше формирано за истрага на терористите по нападите во 2015 година. И Дарманин и Ретајло сакаат остро да се постапува против корисниците и дилерите на дрога, и проблемот во голема мера го окарактеризираа како прашање на редот и законот, а не како прашање на јавното здравје.
„Џоинтот има вкус на крв“
Во февруари, Ретајло ја искористил изјавата на Дарманин дека „џоинтот има вкус на крв“, припишувајќи им одговорност за убиствата поврзани со дрога на оние кои купуваат канабис.
Француското Министерство за внатрешни работи во февруари објави дека 110 луѓе биле убиени поради трговија со дрога во 2024 година, од вкупно 980 убиства на национално ниво. Убиствата поврзани со дрога го достигнаа врвот во 2023 година, со 139 мртви и 413 повредени.
„Организираниот криминал претставува стратешка закана за Франција“
„Сега е општоприфатено дека организираниот криминал претставува стратешка закана за Франција“, рече Стефан Кере, професор по криминалистика на Францускиот национален конзерваториум за уметности и занаети. Но, Кере предупреди дека суштината на проблемот е финансирањето, кое законот сам по себе не може целосно да го реши.
„Лесно е да се тргне по мали улични дилери или средни трговци. Но, потребно е повеќе време, повеќе истражители, повеќе ресурси за да се пронајдат оние што стојат зад нив“, додаде тој.
Трговијата со дрога се шири низ Франција
Трговијата со дрога е долгогодишен проблем во големите француски градови како Париз и Марсеј, кои со децении се обидуваат да го решат проблемот. Сепак, во последните години таа се прошири и во средните градови и руралните средини, а тоа го покажал извештајот на Министерството објавен минатата година.
Според извештајот, илегалната трговија со дрога генерира најмалку 3,5 милијарди евра годишно, но се верува дека оваа процена е всушност „долна граница“ и дека сумата е многу поголема.
Дарманин, исто така, воведе клаузула за создавање затвори со висока безбедност каде што само трговците со дрога ќе бидат притворени под особено строги услови за да се избегне комуникација со надворешниот свет.
Критики на законот
Предлог-законот најверојатно ќе се соочи со критики во Националното собрание, каде што пратениците изразија загриженост поради одредени предлози кои се сметаат за поткопување на правата на обвинетите, како што е забраната на полицијата да им ги открие на адвокатите на одбраната, техниките што ги користеле за спроведување на нивните истраги.
„Овој закон не кажува ништо за потрошувачите, кои не треба да се третираат како деликвенти, туку како луѓе кои страдаат“, рече Лудовик Мендес, пратеник од про-Макрон групата – Ансамбл.
Од 2021 година, Франција воведе модел на наплаќање минимални казни за корисниците на дрога без кривична постапка, со цел да се намали потрошувачката. Во февруари годинава Министерството за внатрешни работи извести дека биле казнети 288.000 лица, што е за 10% зголемување во однос на претходната година.