Куртоа за голманот кој поради него не сака да игра за Белгија: Не знам за што зборува

Точка

19/03/2025

12:10

671

Големина на фонт

а а а

Белгискиот голман Тибо Куртоа (32) по 22 месеци повторно се приклучи на репрезентацијата. Голманот на Реал Мадрид не играл за Белгија од јуни 2023 година, кога влезе во конфликт со тогашниот селектор Доменико Тедеско околу капитенската лента. Сепак, тој се врати откако Тедеско беше сменет, а на негово место во јануари оваа година беше именуван Руди Гарсија.

Враќањето на Куртоа ја подели белгиската јавност

Неговото враќање предизвика поделени реакции во белгиската јавност. Голманот Коен Кастелс, кој во последните две години беше прв избор за Белгија, реши да ја напушти репрезентацијата во знак на протест.

„Оваа порака не е толку насочена кон Тибо, туку повеќе кон Фудбалската федерација. Ова не се вклопува во стандардите и вредностите што ги имам за тоа што значи тимски спорт или спортска организација“, изјави Кастелс.


Поранешниот селектор на Белгија, Марк Вилмотс, исто така, изрази несогласување со враќањето на Куртоа. Тој смета дека прво требало да се разговара со остатокот од тимот, па дури потоа да се размисли за неговото враќање. Поранешниот белгиски дефанзивец Филип Алберт, пак, го критикуваше Куртоа, велејќи дека „тој самиот ги затвори вратите на репрезентацијата“.

Куртоа: Не знам за што зборува Кастелс

Куртоа се обрати пред новинарите по враќањето во репрезентацијата и изјави: „Го разбирам Кастелс, затоа што тој беше број 1, а не е лесно да се откаже од тој статус. Никогаш немав проблем со одредени играчи или групи, фактот што повторно сум тука покажува дека проблемот беше во една личност. Федерацијата од почетокот сакаше да се вратам и сега решив да одговорам на тој повик. Не знам за што зборува Кастелс, ако сакаш да кажеш нешто, тогаш кажи сè.“


Покрај Куртоа, со новинарите зборуваше и белгискиот играч од средниот ред, Јури Тилеманс, кој истакна: „Коен изјави нешто што не ни требаше во овој момент. Тој кажа што мисли дека треба да се каже, но Тибо го изнесе своето гледиште пред тимот. Важно е да разбереме дека како група погрешно ги протолкувавме одредени работи, а Тибо ни покажа дека не било така како што мислевме.“