Беровец од погребално претпријатие пријавен дека во депонија фрла и закопува остатоци од починати лица, МВР го расчистува случајот

Макфакс

14/03/2025

17:23

410

Големина на фонт

а а а

Пред два дена во полицијата во Берово било пријавено дека на место викано „Црвени брегови“, атар на Берово, бил забележан лиценциран извршител за погребални услуги во општината како на градежна депонија фрла и закопува остатоци од починати лица, извадени од градските гробишта во Берово.

„Веднаш по добиената пријава, во консултација со јавен обвинител и во содејство со ракувач со работна машина багер од јавното претпријатие за комунални работи во Берово, било извршено пребарување на посоченото место и на пошироката околина, но не биле пронајдени предмети кои потекнуваат од кривично дело, туку биле пронајдени само остатоци од градежен шут и остатоци од отпад.

По дополнително преземени мерки и по извршени разговори во ОВР Берово било дојдено до сознание дека лиценцираниот извршител на погребални услуги во повеќе наврати вршел ископување на стари гробови и ги фрлал остатоците од починатите лица на друга локација. Додека, подоцна, по овластување на јавен обвинител, бил извршен увид на гробиштата во селото Смојмирово и на удолницата на јужната страна биле пронајдени пет коски кои наликуваат на коски од човек“, велат од МВР.

По целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.