НАСА: Нивото на морето се зголеми повеќе од очекуваното

Макфакс

14/03/2025

08:17

2.907

Големина на фонт

а а а

Американската вселенска агенција НАСА објави дека глобалното ниво на морињата се зголемило повеќе од очекуваното во 2024 година поради топлотното ширење на морската вода и топењето на ледените плочи и глечерите.

Минатата година, најтопла досега, годишната стапка на пораст беше 5,9 милиметри, во споредба со очекуваните 4,3 милиметри, според анализата на НАСА.

Севкупно, стапката на пораст на нивото на морето се удвои во текот на 30 години, при што глобалното ниво на морињата се зголеми за 10 сантиметри од почетокот на сателитското снимање на височините на океаните во 1993 година.


„Зголемувањето што го видовме во 2024 година беше поголемо отколку што очекувавме“, рече Џош Вилис, научник во лабораторијата за млазен погон на НАСА.

„Секоја година е малку поинаква, но она што е јасно е дека океанот продолжува да расте, а стапката на пораст е се побрза и побрза“.


Во 2024 година, нивото на морето се зголеми главно поради термичка експанзија или затоплување на океаните, менувајќи го трендот дека топењето на глечерите и ледените плочи најмногу придонеле за порастот.

„Додека 2024 година е најтоплата година досега, океаните што се прошируваат на Земјата го следат примерот, достигнувајќи ги своите највисоки нивоа во последните три децении“, рече Надја Виноградова Шифер од НАСА.